После изборите следи политичка криза?

Што ќе се случи откога ќе се пребројат гласовите на претстојните избори? Анкетите прогнозираат победа на опозицијата и формирање на влада на ВМРО-ДПМНЕ со нивниот водач како премиер. Во еден парламентарен повеќепартиски систем, како што покажува праксата и во стабилните западни демократии, победникот на изборите може но и не мора да формира и влада, ниту првиот човек на партијата мора да биде премиер. Условени од домашни и од меѓународни фактори, можни се разни комбинации. Еве ја нашата моментална ситуација.

Јавајќи на бранот на национализмот и повреденото достоинство на народот, опозицијата веќе три децении проблематизира буквално се што е направено во изминативе 33 години: од приемот во ОН со референцаата, преку Охридскиот и Преспанскиот, па до договорот со Бугарија. Сето тоа е натоварено во вагоните на нивниот забрефтан „победнички“ воз на овие избори, со проценка дека дојде време целиот тој труд да се капитализира. Проблемот за нашата држава е што возот ќе тргне во погрешна насока: спротивна од насоката која, со одлучувачка помош на меѓународниот фактор, не водеше надвор од балканскиот лавиринт. Да возиш во погрешна насока значи, некаде попат, да се судриш со Америка и ЕУ надвор, со втората по големина етничка заедница и со дел од македонскиот народ дома.

Изјавите од типот да им кажеме „не“ на оние кои мислат дека се домаќини во НАШИОТ дом е многу опасно. Може, се разбира, да се зборува за екцеси на албанските партии во спроведување на политиката на рамноправност, или на недипломатскиот јазик на странските претставници, но ова е повеќе од тоа. Насоката е погрешна. Мислев дека темата „Газди и домаќини“ е дамна апсолвирана, но сепак не е така.

Застапниците на „граѓанскиот концепт“ со кој мнозинската заедница доминира со својата бројчана надмоќ, не прифаќаат дека покрај индивидуалните, и колективните права се подеднакво важни на Балканот. Во меѓународниот контекст, опасно е да се отфрла „францускиот предлог“ за продолжување на преговорите со ЕУ. Тој предлог е производ на геополитичките интереси на западните сојузи во едни екстремно тешки времиња за Америка и Европа во кои не може да се смета на нивно големо трпение. Згора на тоа, кога се знае за слоганот дека за Албанците „Сонцето изгрева на Запад“, имаме комбиниран отпор кон промената на македонската надворешна политика. Она, „и ние сме за ЕУ“, не поминува надвор без чекори во таа насока кои ќе бидат потврда на кажаното. Затоа, и најголемата победа на македонските партии од опозицијата не може да доведе до формирање на влада ако сите албански партии, подржани од Западот, застанат цврсто зад одлуката за уставни промени кои одново ќе го отворат патот кон ЕУ пред формирање влада или во некаков договорен краток рок. Поточно, до формирање на чисто македонска влада може да дојде, но како увертира во политичка криза.

Причините за таквата криза се посериозни од оние што може да се видат со голо око. Имено, секое запирање на европскиот процес значи јакнење на албанскиот радикализам чии екстремисти се за една албанска држава. Не знам каква е состојбата денес но, во некаква странска статистика од пред многу години се изненадив дека 60 плус отсто од Албанците во Македонија се изјаснуваат во прилог на обединување во една албанска држава и дека водиме пред Косово и самата Албанија. Значи, да не се оддаде макар мало признание на придонесот на актуелните албански политичари за политика на интеграција во македонската држава кои одат, така да се изразам, против волјата на поголемиот дел од својот народ, значи да се вика ѓаволот на вечера. Ѓаволот, во оваа ситуација, би била нова генерација водачи со радикални барања кои излегуваат од рамките на Охридскиот договор.

Зборот ми е, ако албанските партии одбијат да влезат во влада на ВМРО-ДПМНЕ, меѓуетничката криза е неизбежна, без оглед на парламентарното мнозинство. Во комбинација со судирот на македонската државна политика со геополитиката на западните големи сили, стабилноста и просперитетот на македонската држава се загрозени. Членството во НАТО ми дава некаква сигурност дека кризата ќе биде надмината со средствата на парламентарната демократија. Можеби преку повторување на сценариото кое го видовме во Бугарија каде од едни до други предвремени избори бугарските националисти губеа сила.Тоа може да оди потешко во Македонија, но не гледам можност Западот да попушти ако процени дека новата политика е во прилог на руските интереси да се попречи или успори пристапот на Македонија кон ЕУ. Зашто, да повторам, одново завладеа логиката на Студената војна дека она што е добро за едната страна е лошо за другата, па просторот за маневрирање на една мала држава како нашата е уште помал.

Што се однесува до исходот од претседателските избори, истата таа мултиетничка композиција на македонското гласачко тело може да биде одлучувачка, во прилог на кандидатот на власта и да ги демантира сегашните анкети. И начинот на водење на кампањата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ со инсистирање на „гордоста“ во време кога фрижидерот е поважен од телевизорот, може да има свој удел во истата насока.

Денко Малески

Back to top button
Close