Последиците нема да ги сноси тој, туку државата – реагираат од ДУИ на реториката на Мицкоски

Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) велат дека со сериозна загриженост ја следат, како што велат, сè почестата злоупотреба на јавниот говор од страна на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

„Последната негова изјава не е само недолична и неумесна, туку длабоко вознемирувачка, со опасни алузии кои допираат до верски и етнички линии“ се вели во соопштението на ДУИ.

Партијата нагласува дека реториката на премиерот не ги погодува само неговите политички противници, туку создава последици кои ќе ги сноси државата и сите нејзини граѓани.

ДУИ предупредува дека доколку премиерот има намера да поттикнува поделби и конфликти, партијата нема проактивно да придонесува во тоа, но нема ниту да остане без реакција.

„Ќе реагираме секогаш кога се нарушува темелот на соживотот и единството на државата“ порачуваат од ДУИ.

ДУИ истакнува дека како сериозна, државотворна политичка партија не е одговорна за политичките позиции на други, но не може да молчи кога „најголемата политичка партија во мнозинството директно ја поткопува унитарноста и стабилноста на државата“.

„ДУИ не очекува премиерот да се согласи со нас – ние сме различни партии со различни визии. Но очекуваме барем минимално чувство за државна одговорност“ се наведува во соопштението.

Партијата ги осудува повиците со „шајки во раце и нозе“, оценувајќи ги како не само недолични, туку опасни и недостојни за позицијата на претседател на Влада

Од ДУИ потенцираат дека зрелите демократии не се градат со клетви и навреди, туку со институции, одговорност и дијалог.

„Колку побрзо ова го разбере актуелниот премиер, толку помали ќе бидат штетите што тој секојдневно ѝ ги нанесува на државата“додаваат од партијата.

ДУИ, додаваат оттаму, останува посветена на европската иднина на државата, на унапредување на соживотот и на заштита на достоинството на секој граѓанин, без оглед на етничката припадност.

Реакцијата на ДУИ доаѓа откако вчера премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата ја коментираше политичката состојба на земјата со соседна Бугарија и директно го обвини Османи, дека точно знаел што прави кога го прифатил францускиот предлог.

„Директно стави нож во белите дробови на македонскиот идентитет, и тоа никогаш нема да го заборавам. Прифаќајќи го францускиот предлог, директно закова шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет“ рече Мицкоски.

На ова реагираше поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, кој на својот фејсбук-профил упати остра реакција обвинувајќи го премиерот за ширење на омраза и разгорување на религиска и етничка нетолеранција.

Османи посочи дека иако имаат различни политички ставови и не се согласуваат околу европскиот пат на земјата, но дека Мицкоски ја преминува границата на политичка пристојност со навреди и обвинувања.

Во одбрана на својот лидер вчера застанаа од ВМРО-ДПМНЕ од каде рекоа дека Османи зборува за „внатрешна кохезија“ откако со години активно работеше на нејзино разнебитување.

Посочија и дека ако некој ја злоупотреби политиката за криминали цели, тоа се ДУИ и Османи.

Back to top button
Close