ПОСЛЕДНА ВЕЧЕР НА 22. ОФФЕСТ

Четвртата, завршна, вечер на OFFest 2023 е воедно и најбогата со настани. Имено, вечерва ќе проследиме три концерти и еден документарен филм. За мистериозната аура на култната чешка двојка ИРЕНА И ВОЈТЕХ ХАВЛОВИ ќе сведочи нивното уникатно концертно претставување, но и прикажувањето на документарниот филм „Little Blue Nothing: A musical portrait of Irena and Vojtech Havlovi”. OFFest 2023 ќе го заокружат фуриозните настапи на две исклучително возбудливи музички појави: новата world-music атракција БАБ Л‘ БЛУЗ со својот психоделичен марокански фанк-рок звук, како и деветчлениот оркестар на легендарното име на конгоанската румба, гитаристот ДИЗИ МАНЏЕКУ и неговите THE ODEMBA OK ALL STARS.

Документарниот филм LITTLE BLUE NOTHING е интимно патување низ светот на Ирена и Војтех Хавлови, пар таинствени виолисти што живеат во преградието на Прага, на маргините на цивилизацијата. Овој музички тандем во 1991 година го сними албумот наречен „Malé Modré Nic (Little Blue Nothing)“, кој останува целосно анонимен во тоа време. Петнаесет години подоцна, тројца режисери случајно го откриваат и – опседнати од неговата уникатната уметничка содржина – започнуваат да ја истражуваат приказната за двете мистериозни музички појави. Овој филм ја документира нивната средба, во сината магла на прашките преградија.

Чешкото дуо ИРЕНА И ВОЈТЕХ ХАВЛОВИ (The Havels) има речиси 40-годишна заедничка уметничка кариера и партнерство зад себе. Започнаа да работат заедно кон средината на 80-тите како дел од експерименталниот ансамбл Capella Antiqua e Moderna, уникатна асоцијација на музичари чиј репертоар опфаќаше различни стилови на европската класична музика: од ренесансата до современата. Со текот на годините тие минаа низ неколку сопствени развојни фази, патувајќи долго и широко низ времето и просторот. Со својот инвентивен и неортодоксен пристап кон историските и модерните композициски техники и интерпретативни процеси, Хавлови развија уникатен и музички автономен јазик кој е тешко, ако не и невозможно, да се дефинира. Во изминатите 40 години тие бележат бројни значајни соработки. Прославениот независен режисер Винсент Мун сними документарен филм за нив. Композицијата на Брајс Деснер „Little Blue Something“, создадена во чест на музиката на дуото од Прага, која ги користи нејзините мотиви, ја снимиja Kronos Quartet на албумот „Aheym“. Музичарите од бендот The National, како и Суфјан Стивенс, се меѓу долгогодишните обожаватели на Хавлови. Нивната музика е отворена и сè уште расте добивајќи нови стимули.

Директно од срцето на Магреб, БАБ Л‘ БЛУЗ (во превод: „порта на блузот“), го редефинираат традиционалниот северноафрикански блуз на нетрадиционален начин. Овој квартет, формиран во Маракеш во 2018 година, е инспириран од мароканските музички традиции, во комбинација со рок музиката, современите звуци и мароканскиот поп. Етикетирани како „психоделичен марокански рок бенд“, тие се истовремено древни и актуелни, традиционални и современи, фанки и ритмични, со моќни вокали и тешки бас грувови. Бендот го сочинуваат француски и марокански музичари, предводени од пејачката Јусра Мансур, која израснала во мароканскиот град-тврдина Ел Џадида, изложена на разновидни музички стилови, вклучувајќи ги оние на Џенис Џоплин, Уму Сангаре и Ерика Баду. Јусра, која главно твори на мароканскиот јазик Дарија, третира актуелни и општествени теми во нејзините текстови. Првиот албум на групата, „Nayda!“ (Real World Records, 2020), претставува глобален конгломерат на звуци, од американска психоделија до индиски ситар рифови, од валкан фанк до класична арапска поезија. Албумот доживеа фантастичен прием од музичката критика: беше вброен меѓу најдобрите албуми на годината во списанијата „Mојо“ и „Songlines“.

Гитаристот ДИЗИ МАНЏЕКУ е жива легенда на конгоанската румба. Пред да стане член на славниот оркестар OK Jazz на Франко Луамбо Макиади во 60-тите и 70-тите, Дизи веќе предводи неколку бендови, настапувајќи со бројни великани на конгоанската музичка сцена. Во тоа време, Дизи и Сем Мангвана ги оформија African All Stars. Оваа формација, предводена од Дизи, имаше големо влијание на глобално ниво. Под уметничкото раководство на Дизи, Orchester African All Stars International објави три албуми, кои се сметаат за вистински конгоански споменици. Музичкото наследство и културното значење на Франко Луамбо Макиади и неговиот бенд T.P.O.K. Jazz е огромно. Конгоанската румба од неодамна е прогласена за нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Легендарниот оркестар на Франко беше извонредно влијателен, а неговиот оригинален стил во румбата стана познат како „Odemba“. По смртта на Франко, Дизи го презеде водството на бендот и стана незаменлив дел од музичката елита на Конго, стоејќи рамо до рамо со Папа Ноел, Папа Вемба, Тшала Муана и Веркис. Подоцна, по преселбата во Брисел, Дизи ги формира ОДЕМБА ОК ОЛ СТАРС, негувајќи го уникатниот звук на традиционалната конгоанска румба.

Back to top button
Close