Последни пресметки за цената на парното греење, намалувањето сѐ поизвесно!
Компаниите кои се надлежни за парното греење во Скопје се во последни пресметки за нивните оперативни трошоци кои треба да ги достават во Регулаторната комисија за енергетика, која пак треба врз основа на тие податоци да ја креира новата цена на топлинската енерегија во главниот град која ја користат околу 65 илјади домаќинства. На почетокот на годинава компаниите добија солидно намалување на сметките за парно – објави Денар.
Очекувањата се дека и домаќинствата ќе имаат намалување на цената но во колкав процент засега може само да се шпекулира. Последниот збор ќе го има регулаторот.
Полека во Регулаторната комисија за енергетика пристигнуваат пресметките на компаниите формирани од државната ЕСМ кои се специјализирани за топлинска енергија. Засега не се откриваат информациите за граѓаните да не добијат некоја лажна слика за тоа какви ќе им бидат сметките за парно во следните шест месеци.
По намалувањето на цената на парното за компаниите од цели 35 отсто во февруари годинава, граѓаните сега очекуваат таква или слична одлука да има и за домаќинствата.