Поставен крст на Попова шапка: ДУИ ги обвинува ВМРО ДПМНЕ и БЕСА. ВМРО ДПМНЕ бара седница
Партијата жестоко реагира на поставувањето на 15-метарски крст во Туристичкиот центар „Попова Шапка“ и бара одговорност од општина Тетово што го дозволила овој скандал. Тие велат дека ова е договор затоа што ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори даде поддршка на БЕСА во Тетово.
„Нереакција на општината и тенденцијата сето ова да помине во молк, доволно говори за договорот меѓу ВМРО и БЕСА. Но, тетовчани не молчат, нема да молчиме ниту против овој скандалозен пазар!“, велат од ДУИ
Групата советници на ДУИ во општина Тетово побарале појаснување по ова прашање од градоначалникот Билал Касами.
„Демократската унија за интеграција смета дека поставувањето на крстот е сериозна провокација која ги нарушува вредностите на социјална кохезија и бара од институциите во државата да ги преземат сите неопходни институционални мерки за негово отстранување од Попова Шапка и казнување на оние кои дозволиле такво нешто“, се додава во соопштението на ДУИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија итна седница „по повод притисоците на институциите предводени од ДУИ и СДСМ насочени кон кршење на Уставот и правото со кое се гарантира слободата на вероисповеста и изразување на верата на Македонците во Тетово“.
„Сметаме дека неовластеното и спротивно на закон присуство на бројни државни институции во црквата Свети Наум Охридски на Попова Шапка е директен притисок насочен кон создавање на тензии помеѓу граѓаните“, се вели во соопштението на ОК ВМРО ДПМНЕ Тетово.
Црквата е изградена во 1993 година.