Постигнат договор: Сириските Курди ќе се интегрираат во новите државни институции
Сириските демократски сили (СДФ), предводени од Курдите и поддржани од САД, денеска постигнаа договор со новото раководство во Сирија за целосна интеграција во државните институции.
Според соопштението на сириското претседателство, историскиот договор бил потпишан од претседателот на преодната влада Ахмед ал-Шара и командантот на СДФ Маслум Абди.
Со договорот се предвидува „интеграција на сите цивилни и воени институции во североисточна Сирија (кои се под контрола на Курдите) во рамките на администрацијата на сириската држава, вклучувајќи ги граничните премини, аеродромот, како и нафтените и гасните полиња“.
Според договорот, „извршните комитети треба да работат на негово спроведување најдоцна до крајот на оваа година“.
Во соопштението дополнително се нагласува дека „курдската заедница е автохтон дел од сириската држава, која гарантира нејзино право на државјанство и сите уставни права“.
Договорот исто така обезбедува враќање на раселените Сиријци во нивните родни места под заштита на државата.
Дополнително, во него се повикува СДФ да ја поддржи Сирија во борбата против преостанатите елементи на режимот на Башар ал-Асад и други закани по националната безбедност, како и да одбие секташки поделби и повици за разединување.
Големи делови од северна Сирија се под контрола на СДФ, која беше на чело на борбата против Исламската држава и помогна во протерувањето на џихадистичката група од нејзините последни територии во Сирија во 2019 година.
Турција ја смета оваа милиција за огранок на забранетата Курдска работничка партија (ПКК) и ја категоризира како терористичка организација.
Договорот е постигнат по години на конфликт, особено во однос на курдската автономија, и се гледа како клучен чекор кон залечување на раните од сириската граѓанска војна, наведува ДПА