Постигнат е напредок во преговорите за примирје во конфликтот во Газа, пренесува египетската државна телевизија
Разговорите за примирје во конфликтот во Газа постигнуваат напредок во Каиро и сите страни се согласија за основните точки, соопшти утринава египетскиот државен ТВ канал „Ал Кахера њуз“, цитирајќи висок египетски извор.
Израел и Хамас испратија тимови во Египет во неделата на нови разговори за потенцијален прекин на огнот во шестмесечниот конфликт.
„Ројтерс“ пренесува дека засега нема коментар од Хамас и ниту една од страните во разговорите во Каиро не ја потврдила веста на „Ал Кахера њуз“.
Според информациите на „Ал Кахера“, кои ги пренесува „Ројтерс“, делегациите на Хамас и Катар го напуштиле Каиро и ќе се вратат во рок од два дена за да се договорат за условите на конечниот договор, додека делегациите на Израел и САД ќе заминат за неколку часа. Се додава дека консултациите ќе продолжат во следните 48 часа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека Израел нема да се согласи на прекин на огнот без ослободување на заложниците, додека Хамас ги повтори своите барања, кои вклучуваат траен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од Газа и враќање на раселените луѓе.
Нетанјаху рече дека и покрај зголемениот меѓународен притисок, Израел нема да попушти пред „екстремните“ барања на исламистичките владетели на Газа.