Постои опасност пожарот кај Штип да излезе од контрола, ер тракторите упатени натаму

Пожарот што избувна во близина на населбата Сончев Град во Штип и натаму претставува сериозна закана, а поради опасноста еден од краците на огнената стихија да излезе од контрола, воздушните сили за гаснење се пренасочени кон овој регион.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека ер тракторите се ангажирани на интервенција кај Штип, каде што пожарот се шири во близина на населбите Баби и Дузлак.

Според Ангелов, проценките од терен покажуваат дека постои реална опасност еден крак од пожарот да излезе од контрола, поради што е донесена одлука воздушната поддршка итно да биде насочена кон овој пожар.

Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со напорите за локализирање на огнената стихија, а ситуацијата внимателно се следи со цел да се спречи нејзино понатамошно ширење кон населените места.

Back to top button
Close