Потенцијални кандидати за локалните избори – албанските партии ги започнаа калкулациите со имиња
Македонија на есен ќе одржи локални избори. Албанските партии веќе ги започнаа калкулациите за имиња на кандидати за градоначалници. Најжестока трка се очекува во општините Струга, Кичево, Тетово, Гостивар и Чаир, пишува тв21.
Од ВРЕДИ за општина Струга се споменува името на Менди Ќура, но тој сè уште не го потврдил тоа. Исто така, од оваа партија како можни кандидати ги разгледуваат имињата на Бесник Асани и Петрит ПоложаниВо Европскиот фронт се споменуваат имињата на Јетон Шаќири, Дашмир Насуфи и Фатон Положани, а тука е и Зијадин Села кој исто така би можел да се кандидира.
Жестока трка се очекува и во Кичево, каде што досега се споменуваат тројца кандидати, а не се исклучува опцијата и за четврти.
Веќе официјално својата кандидатура ја објави Шкодран Алили како независен кандидат.
Од ВРЕДИ се споменуваат имињата на Фатмир Лимани и Реџеп Емини.
Сегашниот градоначалник Фатмир Дехари сè уште не се изјаснил конкретно, но има амбиции за четврти мандат.
Во Гостивар изгледа дека трката ќе биде меѓу четворица албански кандидати.
Во ДУИ се споменува името на Валдет Џафери, а како независен можеби ќе се кандидира економистот, Висар Адеми.
Од ВРЕДИ сè уште нема официјално име за оваа општина, а не се знае дали од Алијанс за Албанците ќе се кандидира самиот Таравари или Валбон Лимани.
Во Тетово, како и секогаш, ќе биде жешка трка. Најверојатно Билал Касами ќе биде кандидатот на ВРЕДИ. Од Европскиот фронт се споменуваат имињата: Илир Демири, Фатон Ахмети или Бајрам Реџепи. Во зависност од развојот на политичката ситуација, можно е да има кандидат и од АА на Таравари.
Во Чаир засега се споменуваат две имиња од двата табора. ВРЕДИ најверојатно повторно ќе оди со актуелниот градоначалник Висар Ганиу, додека од ДУИ најверојатно кандидат ќе биде Бујар Османи.
Сепак, овие и други имиња се очекува да се официјализираат во наредните денови, додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ наскоро ќе излезат со имиња на свои кандидати.