Потпишан договор за државна помош со Дрекслмајер – Нова инвестиција во Кавадарци и Куманово во вредност од 16 милиони евра и околу 1000 нови работни места

Заменикот на претседатеот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори, Фатмир Битиќи и управителите на Дрекслмајер, Јозеф Кауфман и Лукас Мирингер, денес го потпишаа договорот за државна помош за реализација на новата инвестиција на оваа германска компанија, со кој се предвидуваат инвестиции од 16 милиони евра и отворање на нови 1000 работни места во Кавадарци и Куманово.

Вицепремиерот Битиќи соопшти дека потпишувањето на овој договор за нова инвестиција на германската компанија Дрекслмајер, е уште една потврда за партнерскиот однос кој Владата го гради со компаниите кои функционираат во земјата, како и за поволната бизнис клима која поттикнува нови инвестиции и развој на компаниите. Тој потстети дека од септември 2020 година потпишани се 48 договори за државна помош со компании кои аплицираа по Законот за финансиска поддршка на инвестиции, а дополнително ова е вкупно петти договор кој се потпишува за нова инвестиција на странска компанија во земјата (ВИК-втора фаза, Ипротекс, Пурпласт и Дрекслмајер и Магна) во овие 8 месеци.

„Ова значи, дека од септември 2020, вкупно 53 инвестициски проекти, со поддршка на државата се во тек, со вкупна вредност од 95,7 милиони евра и отвораат околу 2.000 работни места за граѓаните. Денеска го потпишавме договорот за државна помош со компанијата Дрекселмаер за нов инвестициски циклус од 16 милиони евра и 1.000 нови работни места. Инвестициите на Дрекслмајер, направени изминатите 9 години, но и оваа нова инвестиција, покажуваат дека компанијата ги препознава добрите бизнис услови во нашата земја и искрениот однос на Владата кон инвеститорите”, нагласи Битиќи.

Вицепремиерот се осврна на мерките за поддршка кои се наведени во договорот со Дрекслмајер.

„Компанијата ќе добие поддршка во форма на ослободување од данок на личен доход за новите вработувања во компанијата, односно за оние кои ќе бидат дел од овој проект, за период до 10 години, како и ослободување од данокот на добивка кој се однесува на новиот инвестицискиот проект, за период од 10 години. Исто така ќе се изврши исплата кон Дрекслмајер во форма на готовински грант во износ од 10% од износот на оправданите инвестициски трошоци, но не повеќе од 1.000.000 евра, на годишно ниво, за максимум пет години, како и исплата форма на готовински грант во износ од 2.000 (две илјади) евра, по вработен, за креирање на нови работни места, а особено е важно што оваа поддршка се однесува за оние работни места, за кои континуирано се исплаќа месечна нето плата повисока за најмалку 50% од висината на минималната нето плата пропишана со Законот за минимална плата на Република Северна Македонија”, потенцираше вицепремиерот.

Битиќи изрази задоволство со тоа што со овој инвестициски проект дополнително ќе се влијае на зголемување на извозот во нашата земја, а поради тоа што воведување на нова производна линија во погонот во Кавадарци и отворањето на новиот производствен погон во Куманово, ќе отворат нови можности за граѓаните од овие општини, но и ќе влијаат на локалниот економски развој.

„Ова особено го потенцирам за Куманово, град кој припаѓа во Североисточниот плански регион, регион којшто има втор најмал бруто домашен производ по жител и најмалку учествува во создавањето на вкупниот Бруто домашен производ. Верувам дека гигант како Дрекслмајер ќе помогне оваа слика да се промени и во економска смисла да го раздвижи Куманово, кој е навистина на атрактивна локација, на спојот помеѓу двата паневропски коридори 8 и 10, но и целиот регион”, додаде вицепремиерот Битиќи.

Управителите на Дрекслмајер, Јозеф Кауфман и Лукас Мирингер, ја истакнаа добрата соработка со Владата на Република Северна Македонија, а се заблагодарија и на нивните меѓународни партнери Дајмлер (Daimler) и БМВ (BMW), која придонесе за реализација на новата инвестиција. Воедно тие изразија задоволство од соработката што ја имаат со домашните компании, при што истакнаа дека Дрекслмајер соработува со околу 700 компании во Република Северна Македонија. Во Куманово и Кавадарци ќе се инвестира двоцифрен милионски износ во новите производствени компании и ќе се отворат преку 1000 работни места, соопштија Кауфман и Мирингер.

Компанијата Дрекслмајер е светски познат бренд во автомобилската индустрија, со главна дејност производство на кабелски сетови (комплетни електрични системи), а помеѓу нивните клиенти има многу кои припаѓаат на топ 100 автомобилски добавувачи, како што се Audi, BMW, Bugatti, Cadillac, Jaguar, Lamborghini, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, MINI, Porsche и Volkswagen. Оваа компанија е присутна во нашата земја од 2012 година и е еден од најголемите работодавачи во земјата.

Со новата инвестиција се планира зголемување и проширување на производствените капацитети и опрема за потребите на проектот на Mercedez-Benz, E-Class во постоечкиот производствен погон во индустриската зона Телот во Кавадарци и зголемување на производствените капацитети со нов производствен погон и опрема во Куманово за потребите на нивните клиенти Mercedez-Benz и BMW за проектите E-Class, G-Class и BMW CLAR WE.

Back to top button
Close