Потпишан договорот за изградба на гасниот интерконектор со Грција
Номагас АД Скопје денеска потпиша договор со кумановската фирма Рапид Билд Доо за изградба на гасниот интерконектор со Грција, на потегот од Гевгелија до Неготино во должина од 68 километри. Како што е превидено, целосната изградба треба да заврши за 22 месеца и тој да биде ставен во функција во 2027 година.
Изградбата на интерконекторот е финансирана од Владата, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а чини 59,9 милиони евра или 12 милиони помалку од првичната цена на поништениот тендер.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, пред потпишувањето на договорот во просториите на Министерството, посочи дека изградбата на македонскиот дел од гасниот интерконектор е најголемата енергетска инвестиција во изминатите 10 години.
„Тој е израз на нашата заложба за енергетска безбедност, диверзификација на снабдувањето и заштита на интересите на граѓаните и економијата. Се работи за 68 километри модерна инфраструктура што ќе не поврзе со Грција, но многу поважно е дека ќе ја поврзе нашата земја со европските енергетски пазари и вредности. Со овој интерконектор, отвораме врата за нови можности за граѓаните, за индустријата и за локалните самоуправи“,рече Божиновска.
Таа оцени дека со завршувањето на овој проект, Македонија ќе има алтернативен влез за природен гас, а со тоа и поголема сигурност, повеќе извори и помала зависност од единствен снабдувач, што е основа за вистинска енергетска независност. Божиновска додаде и дека природниот гас ќе придонесе за намалување на загадувањето.
Бјорн Габриел од ЕИБ рече дека изградбата на интерконекторот ќе придонесе за интеграција на земјава во европскиот енергетски пазар.
„ЕИБ ги финансира и грчкиот и македонскиот дел од гасниот интерконектор. За македонскиот дел финансираме 28,9 милиони евра. На тоа треба да се додадат грантовите од 2,5 милиони евра за техничката подготовка на проектот и 9,9 милиони евра од ЕУ. Мило ми е што денеска се потпишува договорот со македонска компанија изведувач што покажува дека и македонските компании може да бидат конкурентни во интернационалните проекти“,рече Габриел.
Претставникот на ЕБОР, Фатих Туркменоглу, посочи дека станува збор за важен проект за енергетската инфраструктура во земјава и додаде дека е среќен што се дел од него.
„Остануваме посветени да помогнеме и во идни вакви проекти“,нагласи Туркменоглу.