Потпретседателката на ЕК до вицепремиерот Николовски: Потребни се континуирани напори за понатамошно исполнување на реформите

Љупчо Николовски и го презентирал на еврокомесарката за транспарентност владиниот План за борба против корупција

И покрај тоа што е постигнат добар напредок во унапредувањето на ЕУ-реформите, потребни се континуирани напори за понатамошно исполнување на основните критериуми, напиша на Твитер потпретседателката на Европската комисија, надлежна за вредности и транспарентност, Вера Јурова, по денешната средба во Брисел со македонскиот вицепремиер за борба против корупцијата, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Таа нагласува дека на Николовски му е пренесена силна поддршка за официјалното почнување на пристапните преговори на С Македонија со ЕУ.

 


Од кабинетот на Николовски информираа дека на состанокот со Јурова бил ставен акцент на мерките од владиниот План за борба против корупција, а кои се однесуваат на зголемување на транспарентноста и отчетноста на институциите, како еден од клучните механизми за борба против корупцијата.

Николовски ги презентирал мерките од Планот кои се реализираат, како што се воведувањето на интерни процедури за јавни набавки, подготовка на годишни антикорупциски програми, исполнување на препораките од ГРЕКО, новиот поприменлив Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции, одлуките за ограничување на службените трошоци на функционерите за угостителски услуги за работни состаноци и за користење на службените возила, како и другите мерки од планот.

„Владата континуирано работи на проактивната транспарентност и отчетност, кои се основата за борбата против корупцијата. Од Јурова беше упатена поддршка за имплементација на Планот за борба против корупција и беше посочено дека стојат на располагање за користење на искуствата од земјите членки на ЕУ во делот на транспарентноста и владеењето на правото. Северна Македонија континуирано вложува огромни напори во европеизацијата на институциите. Со Планот за борба против корупција ги имплементираме европските стандарди и вредности и ја носиме Европа дома“,рекол Николовски на средбата, како што информираат од неговиот кабинет.

Back to top button
Close