Потребата од поголем брат: Белград, Брисел…

Пред неколку дена македонскиот министер за надворешни работи уште еднаш ја образложи позицијата на македонската влада која бара гаранции за предвидлив процес на преговори за членство на Македонија во ЕУ. Се разбира, сосема е легитимен ставот да се бара гаранција за процес во кој ќе нема поставување нови услови во текот на преговорите. Но, кога во таквите образложенија постојано се споменуваат категориите: македонски идентитет, македонски јазик, македонска култура, тогаш неизбежно се добива впечаток дека потребата од гаранција за сопствениот идентитет е исто толку важна, ако не и поважна, од потребата за гаранција во процесот на преговори. Тоа, од друга страна, раѓа сомнеж.

Во таквиот пристап очигледно е присутна една наследена политичко-психолошка состојба, а тоа е постојаната потреба да се има гарант кој ќе го штити македонскиот идентитет и ќе го потврди она што тврдиме дека сме. За време на Југославија тој гарант, односно поголем брат беше Белград, а сега тоа треба да биде Брисел.

Два настани од не толку далечното минато се прилично симптоматични во врска со позицијата на југословенски Белград и на српски Белград во однос на македонскиот идентитет.

Првиот е поврзан со скандалот од 1966 г. кога официјалната соработка меѓу Сојзот на југословенските писатели и Сојзот на бугарските писатели била прекината поради македонскиот јазик. Причина била одбивањето бугарската страна да потпише договор со македонска делегација на македонски јазик. Долги години немало никаква соработка, а условот за обновување поставен од Југословенскиот сојуз било признавање н македонскиот јазик. Дури и југословенската дипломатија не останала на страна во овој судир, и пртестирала против негирањето на македонскиот јазик и посебност од страна на Бугарија. Значи, Бугарија оспорувала, Белград гарантирал и заштитувал.

Педесет години подоцна се одиграла втората, но сега поинаква белградска приказна, која симболично ја покажала иронијата на историјата. Во Белград 53 години постоел булевар наречен „Гоце Делчев“ кој во јуни 2016 г. белградските власти го преименувале во булевар „Маршал Толбухин“. Весникот „Политика“ од 14 мај истата година објавил текст под наслов „Гоце Делчев – херој или антисрпски идеолог“. Во него тогашниот градски менаџер Горан Весиќ оценува дека Делчев „не ги задолжил Србија, ниту Белград со своите дела, туку политиката на организацијата со која раководел била изразито антисрпска“. Српскиот историчар Александар Животиќ, пак, во истиот текст македонската перцепција за Делчев ја нарекува мит создаден кон крајот на 40-тите години на минатиот век, а дејствувањето на херојот го става во пробугарски историски контекст.

Класична историска иронија. Заштитникот кој неколку децении порано го бранеше македонскиот јазик и идентитет, без никакви емоции го избриша името на најзначјниот македонски национален херој од картата на Белград. Но, Белград, всушност, никогаш и не беше вистински гарант на македонскиот идентитет. Тој само го штитеше политичкиот концепт што во одреден момент одговараше на соодветната политика на соодветната држава. Југословенскиот Белград од 1966 имаше поразлични политички интереси во однос на српскиот Белград од 2016 г.

Ако хипотетичи прифатиме дека гаранциите за кои зборува министерот (и не само тој) се потребни, зошто да очекуваме дека со Брисел би било поинаку? „Заштитниците“ никогаш не ги води вечна и апсолутна љубов, туку само вечни интереси. Затоа и Македонија треба да престане да бара гаранции од Брисел за македонскиот идентитет, јазик, култура. Ако Брисел денес има едни интереси, утре ќе има други. Дали тогаш ќе тргнеме во потрага по друг гарант? Било какви гаранции од страна на Европската Унија ниту ќе го засилат, ниту ќе го заштитат македонскиот идентитет.

Тоа само ќе остави горчлив вкус дека нам ни е потребна туѓа гаранција за да бидеме сигурни во сопственото постоење. А доколку ни се потребни такви гаранции, тогаш проблемот одамна престанал да биде поврзан само со една држава. Затоа што колку и да се добиваат гаранции за сопственото постоење, можноста некој да оспорува или поинаку толкува сегменти од вашето постоење, па дури и навредува, е многу голема. Но нација која пораснала и созреала нема потреба на ваквите толкувања да одговара со барање за туѓо потврдување и заверување на сопственото постоење.

Во тој контекст, еден од најважните сегменти на таа зрелост претставува храброто соочување со сопственото минато. Во Македонија не постои отворена и сериозна дебата (не само за подалечните, туку и за поблиските до нас важни настани) поради страв дека тоа може да го загрози етаблираниот наратив и да ја загрози современата национална посебност.

Сè уште постои потреба сложените и повеќеслојни идентитети на личностите од пред 150 години да ги сместуваме во современите национални рамки, затоа што поинакво толкување создава национална паника. Но една полнолетна и зрела нација мора храбро да погледне во сложеноста на сопствената историја и да ја издржи таа сложеност.

Затоа што само на тој начин ќе се разјаснат нејаснотиите, противречностите и непријатните извори, ќе се надминат сомнежите и ќе се стекне самодоверба. Нација која пораснала ја истражува историјата, нема страв од она што било и конечно знае која е. Нација која не ја надминала својата адолесценција, бара гаранции и заштита, прашува кој ќе и ја гарантира историјата и бара некој друг да ѝ потврди која е.

Барањето нов Белград во Брисел не е ништо друго освен барање да се продолжи со негување на националниот идентитет под заштита на “поголем брат“, што резултира со несигурност и не и дозволува на нацијата да порасне. Во изминатите осум децении државност беа донесени важни и храбри одлуки. Таква храброст е потребна и сега, а не создавање страв и сомнеж за сопственото постоење. Поради тоа на македонскиот идентитет не му треба потрага по центар што ќе го штити и ќе му нуди гаранции, туку поголема самодоверба и храброст конечно да порасе.

Тоа ќе биде најдобра гаранција за неговото постоење.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close