Потребна е видлива динамика на Совет на јавни обвинител и Јавното обвинителство, вели министерот за правда

Судскиот совет предничи пред Советот на јавни обвинители, односно Јавното обвинителство во делот на разрешување и утврдување на одговорност на судии. За разлика од Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители кој во последните две години речиси да немаат разрешено ниту еден јавен обвинител, (исклучок специјалната јавна обвинителка Катица Јанева) Судскиот совет само годинава има донесено одлуки за разрешување на седум судии од разни судски инстанции во државата. Министерот за правда Бојан Маричиќ, одговарајќи на прашање на МИА, колку реално може да очекуваме реформи во правосудниот систем ако веќе не се поместува ништо во делот на јавните обвинители, изјави дека се согласува дека е потребна повидлива динамика на Советот на јавни обвинители и генерално на Јавното обвинителство во однос на Методологијата за оценување и исход во постапки каде што би имало одговорност на јавните обвинители.

– Видно е различна динамиката каде што имаме шеснаесет разрешени судии за период од две години, од кои 7 од први јануари до денес, а од друга страна нема конкретен предмет за обвинител. Мислам дека битно што прв пат се употреби Методологија за оценување при избор на јавните обвинители во Вишето јавно обвинителство Скопје и Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Потребно е раздвижување во делот на обвинителство, рече Маричиќ.

На средбата со новинари министерот Маричиќ, воедно најави дека по судската ферија стартува меѓународниот мониторингот на  50-тина судски случаи на висока корупција и организиран криминал. Целта на овој проект според министерот за правда Бојан Маричиќ е да има набљудувачи со препораки кон судските власти, без да ги прејудицира и коментира содржински пресудите и исходите на постапките,

– Ние како влада го побаравме тоа уште пред две години. Среќни сме и задоволни што ќе почне овој проект за да се врати јавната доверба и да излезат на површина силните страни и слабостите во правосудниот систем за да можеме по објективно да гледаме на некои работи, случаи, изјави Маричиќ на средбата со новинарите.

Меѓу другото министерот за правда Бојан Маричиќ, брифираше и за измените на повеќе предлог закони. Како што посочи тој во измените и дополнувањата на законот за Академијата на судии и јавни обвинители се воведуваат законски критериуми за состав на органите на управување и водење на Академијата за судии и јавни обвинители, односно подетално се конкретизираат надлежностите на директорот, заменик-директорот, Управниот одбор и т.н.  Додаде дека се прави реорганизација на примениот и завршниот испит, се дава простор повеќе на практичното знаење на завршниот испит, помалку електронско полагање, повеќе полагање со анализи. Се намалуваат роковите за поднесување на приговори и жалби за целиот процес.

– Една важна точка беше времетраењето на учебната обука. Имавме шестмесечни преговори со ЕУ со намера да се скрати овој дел на практичен дел на обука. (9 и 24 месеци). Ние настапивме со идеја за оние стручни соработници (во судовите и јавните обвинителства), со повеќе од 6 години искуство да може да се скрати практичниот дел на обука до 6 месеци, но ЕУ жестоко се противеше. Ние оставивме на фелата да одлучи дали вреди ова скратување, рече Маричиќ.

Измени и дополнување на Кривичниот законик според најавата на Маричиќ опфаќаат неколку области.

– Прво имплементација на Конвенцијата за спречување и борба против насилство врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство. Интервенција во кривичните дела кој што се поврзани со безбедноста на новинарите, менување на одредени одредби за конфискација, рече Маричиќ.

Во однос на Истанбулската конвенција повеќе интервенции во Кривичниот законик, однос измени најавени се во однос половиот напад и силувањето. Исто така демнењето е инкриминирано како ново кривично дело.

Во Законот за адвокатура кој е дел од Стратегијата за реформи во правосудниот сектор со новите измени ќе биде воведен стратешка насока за воведување на обврска за континуирана обука.

Back to top button
Close