Потресни сведочења за трагедијата во „Пулс“: Татко на жртва праша дали полицијата била таму за бесплатни пијалаци


Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судскиот процес против 13 полициски службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ од 16 март 2025 година. На денешното рочиште беа пуштени видео-снимки од внатрешноста на објектот каде што настапувала групата „ДНК“ и каде се гледа почетокот на пожарот, по што следеа потресни изјави и сведочења.

Александар Наунов, татко на една од жртвите во пожарот, во изјава за медиумите пред судот упати директни и тешки обвинувања до обвинетите полицајци.

„Едно прашање не можеме да го премолчиме. Велите дека сте имале задача да барате опојни дроги. Ако е така, како не го пронајдовте она што, според многу жители, го знае цело Кочани? Дали навистина не видовте, или не сакавте да видите, па молчешкум одминувавте? Влегувате во дискотеката, а не реагирате на пиротехниката. Дали спречувањето на такви опасности е дел од вашите службени обврски? Ако е, тогаш зошто не постапивте?“ – праша Наунов, потенцирајќи ги и сомнителните телефонски комуникации со сопственикот: „И затоа денес прашуваме: дали униформата служела за заштита на граѓаните или за удобност на привилегираните?“

„За жал, за нашите 63 деца, секое непостапување имаше цена. И таа цена беше нивниот живот. Ние нема да судиме наместо судот. Но, нема ниту да дозволиме зад службени задачи, процедури и изговори, да се сокрие човечката и службената одговорност. Правда не се брани со оправдувања, туку со факти. А фактите денес се изведуваат во судницата. И ние сме тука будно да следиме“, порача Наунов.

Во судницата потоа сведочеше Теодор Стаменков, кој во кобната ноќ бил малолетен, а келнерот му кажал на неговото друштво да излезат бидејќи ќе имало полициска контрола. Тој појасни дека на излезот полицијата само ги запишала, а кога избил пожарот, никој од службениците не им помогнал да го извлечат заглавениот брат на неговиот другар.

„На вратата стоеше униформирано полициско лице, кое нѐ запре, излеговме надвор и нѐ запиша како неидентификувани“, појасни Стаменков, кој подоцна идентификуваше еден од обвинетите како полицаецот што го запишал.

Следна сведочеше студентката Сара Стојановска, која опиша како настанал стампедо по повикот на музичарите да се напушти објектот. Таа паднала по скалите, по што врз неа се натрупале други луѓе, а кога побарала помош од полицаец, тој одбил да ѝ помогне со зборовите: „Како да ти помогнам, што да направам?“ и се тргнал настрана.

„Во еден момент, Панчо рече – „излезете, за брзо ќе се вратиме“ – не знаевме што се случува, од кај мене не се гледаше пожарот. Одзади многу буткаа, не си ги чувствувавме нозете по земја дека се движиме. Се изгубивме со другарките бидејќи настана многу голема гужва“, сведочеше Стојановска.

Back to top button
Close