Повеќе од 150 загинати и 600 исчезнати во поплави и лизгање на земјиште во Непал

Најмалку 157 тела се пронајдени во разорните поплави и лизгање на земјиштето што го погодија Непал, потврди локалната полиција додека околу 600 се сметаат за исчезнати. Денешните снимки од различни делови на земјата покажуваат надојдени води како уништуваат и носат цели згради, а се стравува дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.
Полицијата објави дека најмногу тела, 64 од нив, се пронајдени во округот Читван, 27 жртви се пронајдени во округот Дадинг, 22 во Навалпараси Исток и 19 во Горка додека 13 смртни случаи се потврдени во Нувакот, девет во Танахун и три во Расува. Четириесет и девет луѓе се хоспитализирани поради повреди.
Досега, повеќе од 3.300 полицајци се испратени во погодените подрачја.
Џагадиш Васудев, индиски гуру познат како духовникот Садгуру, објави дека најмалку 77 членови на група верници предводена од неговата организација се водат како исчезнати откако биле однесени од катастрофални поплави на граничен премин. Групата верници се враќала од планината Каилаш во Тибет и била на граничниот премин во Ѓиронг, Кина, во времето на поплавата.
Планината Каилаш се смета за света во хиндуизмот, будизмот, џаинизмот и тибетската религија Бон.
„Нема официјални информации во канцеларијата за имиграција за тоа каде се наоѓаат луѓето. Соработуваме со властите за да се обидеме да стигнеме до тоа место и сме подготвени да учествуваме во спасувањето, без оглед на ризикот“, објави Садгуру.






