Повеќе од 20 мртви – израелски војници пукаа врз Палестинци додека чекаа помош во Рафа

Израелската армија утрово објави дека нејзините војници пукале врз осомничените кои им се приближиле на 500 метри од местото каде што се дели хуманитарна помош во Рафа, на југот од Појасот Газа.

Армијата вели дека трет ден по ред, нејзините војници отвориле оган врз осомничени Палестинци кои им се приближиле на силите на околу 500 метри од местото за дистрибуција на хуманитарна помош во Рафа, објави „The Times of Israel“.

Министерството за здравство во Газа објави дека израелските војници убиле најмалку 24 Палестинци и дека десетици се ранети во инцидентот. „Ал Џезира“ објави дека оваа бројка подоцна е зголемена на 27 мртви, а дека повеќе од 90 лица се повредени.

Армијата соопшти дека групи Палестинци се движеле по организирани патишта кон местото за дистрибуција на помош во Рафа и дека војниците забележале неколку осомничени како се приближуваат кон силите откако тие се исклучиле од однапред одобрена рута, на околу половина километар од местото за дистрибуција на помош.

Се истакнува дека силите испукале предупредувачки истрели без да отворат оган откако Палестинците не се разотишле.

Војската вели дека сè уште го истражува инцидентот.

Портпаролот на Агенцијата за цивилна одбрана, Махмуд Басал, за Би-Би-Си изјави дека повеќето од убиените или повредените во центарот за дистрибуција на помош во Рафа биле погодени од оган од тенкови, хеликоптери и квадрокоптери.

Според Басал, инцидентот се случил неколку стотици метри пред луѓето дури и да стигнат до кружниот тек Ал Алам, кој се наоѓа на околу еден километар од Центарот за хуманитарна помош во Газа, каде што се упатиле да примат помош.

Хуманитарната фондација Газа, телото поддржано од САД и Израел задолжено за дистрибуција на помошта, соопшти дека помошта била дистрибуирана утрово без инциденти.

Војската вели дека ѝ дозволува на Хуманитарната фондација Газа да работи независно за да дистрибуира помош до жителите на Газа и да спречи таа да стигне до Хамас.

Израелската војска соопшти дека претходно испукала предупредувачки истрели пред дистрибутивните центри.

Хуманитарната фондација Газа објави утрово дека по речиси три часа од отворањето на дистрибутивната точка во Рафа, дистрибуирала храна што се наоѓала во 21 камион, односно вкупно 20.160 пакети.

Фондацијата вели дека инцидентот се случил надвор од безбедна локација за дистрибуција на помош и им препорачал на сите цивили да останат во безбеден коридор кога се приближуваат до локациите за дистрибуција.

Фондацијата истакнува дека за осум дена дистрибуирала седум милиони оброци на три места за дистрибуција во јужна и централна Газа.

Back to top button
Close