Повеќе од 330 портали, телевизии, радија и весници пријавени за платено политичко рекламирање за локалните избори
До Државната изборна комисија (ДИК) во предвидениот рок (три дена од распишување на изборите) за платено политичко рекламирање за локалните избори на 19 октомври се пријавиле 333 медиуми, но од Комисија нагласуваат дека списокот не е конечен бидејќи барањата се проверуваат, а исто така вечерва на полноќ истекува и рокот за доставување на ценовниците. Според Роковникот на ДИК, ценовниците треба да се потврдат и објавата на веб страната на ДИК најдоцна на 24 август.
Според информациите на МИА, најмногу интернет портали се пријавиле за платено политичко рекламирање 257, а надвор од рокот тоа го направиле четири портали. Во рокот се пријавиле и 43 радиостаници, 33 телевизии и осум печатени медиуми.
Од ДИК за МИА наведуваат дека овие барања подлегнуваат на проверка од страна на службите во Комисијата затоа бројката не може да се смета за дефинитивна. Појаснуваат дека печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни ценовниците за платеното рекламирање да ги достават до ДИК, Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите, а радиодифузерите да ги достават до ААВМУ, ДИК, ДЗР и ДКСК во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите, најдоцна на 14 август, 24:00 часот. Овој рок, посочуваат од ДИК, уште тече.
-ДИК е должна да ги потврди и објави на нејзината веб – страна доставените ценовници со просечно пресметаните цени утврдено од радиодифузерите и печатените медиуми, како и да ги објави ценовниците со цените утврдени од електронските медиуми, (интернет порталите), согласно член 75-ѓ став (3) и (9) од ИЗ, во рок од 10 дена од истекот на рокот за доставување на ценовниците, најдоцна на 24 август. Имајки го предвид гореспоменатото, потенцираме дека списокот од табелата не е конечен, посочуваат за МИА од ДИК.