Повеќе од 600 руски научници потпишаа отворено писмо против војната во Украина

Повеќе од 600 руски научници потпишаа отворено писмо во кое ја критикуваат руската инвазија на Украина.

Писмото доаѓа откако и други европски универзитети и научни академии испратија пораки со поддршка за украинските колеги.

Рускиот претседател Владимир Путин на 24 февруари нареди напад од копно, воздух и вода над Украина. Инвазијата следеше по повеќемесечна напнатост додека Русија собираше околу 200.000 војници на границата со Украина.

 

Во писмото објавено на интернет страницата trv-science.ru, руските научници ја опишуваат војната со Украина како бесмислена. Посочуваат дека многумина од нив имаат роднини, пријатели и колеги во Украина, наведуваат дека нападот е предавство на претходните генерации Руси и Украинци кои се бореа рамо до рамо во текот на Втората светска војна.

Сметаат дека инвазијата ќе ја изолира Русија, со што нормалната научна работа во таа земја ќе биде невозможна.

„Спроведувањето научни истражувања е незамисливо без целосна соработка со колеги од други земји. Изолацијата на Русија од светот значи понатамошна културна и технолошка деградација на нашата земја во целосно отсуство на позитивни изгледи“, стои во писмото.

Научниците повикуваат итно запирање на воените операции во Украина и бараат почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на украинската држава.

Back to top button
Close