Повеќе од 70 родители на деца од „Димо Хаџи Димов“ бараат гаранции за хигиената
Повеќе од 70 родители на ученици од ОУ „Димо Хаџи Димов“ се потпишале на барање до директорката и советот на родители, во кое инсистираат на јасен план за редовен и засилен санитарен надзор, строга контрола врз операторот кој ја подготвува храната во училиштето, протокол за хигиена на просториите и санитарните јазли и конкретни чекори за спречување на сличен инцидент. Ова доаѓа откако дел од децата минатата недела побараа медицинска помош поради тегоби во стомакот, а мострите од спроведената контрола на Институтот за јавно здравје потврдија присуство на фекални бактерии во мусаката и на неколку површини од кујната. Вкупно 6 деца беа позитивни на норовирус.

Родителите бараат и писмена гаранција за безбедност, односно да им се достави официјална изјава по спроведените контроли, потврда дека просториите, кујната и опремата се во целосна согласност со санитарните стандарди и гаранција дека сите ризици по здравјето на децата се елименирани.
Доколку училиштето не ги исполни своите законски должности, го задржуваат правото да ја вклучат општината, МОН, и другите надлежни институции, како и да иницираат постапки доколку наведените информации не бидат обезбедени.
Потсетуваат дека неспроведувањето на законските одредби, претставува сериозен пропуст и повреда на повеќе нормативни акти, за што училиштето сноси управна и материјална одговорност. Не прифаќаат усни ветувања и неофицијални информации.






