Повеќе од 800 полицајци извршија рација во 60 згради и домови во Германија

Повеќе од 800 полицајци извршија рација во 60 згради и домови во пет сојузни држави. Оваа огромна координирана рација е извршена како дел од истрагата за криумчарење странци кои работат во германската индустрија за пакување месо, пренесува „Политико“.

Рациите, рече полицијата, биле насочени кон структура изградена од неколку агенции за привремено вработување. Се проценува дека најмалку 82 лица биле шверцувани во Германија на тој начин во последните шест месеци.

Во полициското соопштение се вели дека се откриени повеќе од 20 лица осомничени дека работеле илегално со помош на фалсификувани документи, а некои лажно се претставувале како студенти.

Шефот на полицијата, Роми Теве, рече дека употребата на фалсификувани документи е широко распространета во централна Германија, при што странските работници се сурово експлоатирани.

„Федералната полиција и судските органи на Саксонија преземаат решителни мерки против ова“, додаде Теве.

Во средиштето на истрагата се 10 осомничени на возраст од 41 до 56 години. Тоа се Полјаци, Германци и Украинци, објави полицијата.

Состојбите во германската месна индустрија го привлекоа вниманието на јавноста во јуни, кога беше откриено дека повеќе од 1.500 работници биле заразени со коронавирус во една ваква фабрика во Гутерсло, што, пак, резултирало со локдаун на локално ниво.

Затоа, од 1 јануари следната година, ќе стапи на сила нов закон со кој построго се регулираат безбедносните и здравствените услови во индустријата за преработка и пакување месо, наведува „Политико“.

Back to top button
Close