Повеќе од една недела Велмеј, Брежани и Лешани без мобилна комуникација, интернет и телевизија
Жителите на населените места Велмеј, Брежани и Лешани, општина Дебарца, преку соопштение се обратија до јавноста. Информираа дека повеќе од една недела се оставени без мобилна комуникација, интернет и телевизија.
-Од 6-ти Октомври 2025 па сѐ до денес, 14 Октомври 2025 жителите на споменатите населени места се соочуваат со целосен прекин на:
– Сигнал за мобилна телефонија и интернет (за сите оператори, вклучувајќи ги A1 и Telekom MK ).
– Телевизиски сигнал (за претплатниците на Телеком).
Иако е поединечно реагирано до операторите А1, Телеком и до компанијата ЕВН, проблемот досега не е решен.
Оваа состојба е животозагрозувачка и особено тешка, бидејќи во наведеното подрачје живеат многу стари и изнемоштени лица. Отсуството на основни комуникациски средства го отежнува нивниот секојдневен живот, оневозможува комуникација со нивните семејства и, што е најважно, ги спречува да повикаат итна помош во случај на здравствена или друга опасност.
Наше барање:
Ве замолуваме, преку објавување на овој апел, јавно да ги повикате одговорните лица од А1, Телеком и ЕВН:
1. Да излезат со официјално соопштение до јавноста и жителите на Велмеј, Брежани и Лешани во кое ќе го објаснат настанот и причините за ваквиот долготраен прекин.
2 Итно да преземат конкретни мерки за решавање на дефектот, наместо да ја префрлаат вината меѓусебно.