Повеќе од половина од државните институции не доставија податоци до ДКСК за службени возила пред локалните избори

Од вкупно 1 514 државни институции, до денеска, 635 институции или 42 отсто доставија податоци за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат пред локалните избори 2025 година, соопшти Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Вакви податоци не доставија 879 институции или 58 отсто од нив.

„Со оваа пракса се овозможува јавен увид и се поттикнува транспарентност и одговорност кај институциите што имаат обврска да пријавуваат службени возила“,велат од ДКСК.

Оттаму додаваат дека согласно Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал имаат обврска во рок од десет дена од денот на донесување на одлуката за распишување на локалните избои 2025 година, односно до 18.08.2025 година до полноќ, да достават податоци до ДКСК за бројот, видот, регистарските таблички и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат.

Со тоа, ДКСК на својата веб-страна го објави Регистарот на службени моторни возила, како законска обврска од Изборниот законик, како и податоци за институциите што немаат доставено податоци за службени возила, како и преглед на податоци за марката и регистарскиот број на возилата од институциите што не доставиле податоци, а располагаат со службени возила.

Од институциите што не доставија информации за службените возила, според податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР), ДКСК констатира дека 192 институции располагаат со 2 028 возила, но воопшто не дале никакви податоци за нив.

Од 635 институции што доставија информации, 403 институции или 63 отсто тоа го направија во законскиот рок и пријавија 4 079 возила, додека 232 институции податоците за 2 558 возила ги доставија по истекот на рокот.

Од доставените податоци од 635 институции, во Регистарот досега се објавени информации за 578 институции што располагаат со 6 637 возила, додека 57 институции известија дека не располагаат со возила.

од вкупно 6 637 возила внесени во Регистарот, 5 456 се во возна состојба, 1 003 не се во возна состојба, а за 178 возила воопшто нема податоци за нивната возна состојба.

Како што информираат од ДКСК, според споредбата меѓу податоците доставени од институциите и тие од МВР, утврдено е дека кај дел од институциите бројот на пријавени возила целосно се совпаѓаат (кај 34 отсто од институциите), но има и значителен број случаи каде институциите (66 отсто) пријавиле помалку или повеќе возила отколку што стои во евиденцијата на полицијата.

Постојат и институции што пријавиле дека располагаат со возила (27 институции), а во податоците на МВР тие возила воопшто не постојат, што укажува на можноста тие да се водат на друго правно лице, или пак, се дадени или отстапени на користење.

Постојат и податоци за возила во статус на класифицирани инсформации, поради што истите не се јавно објавени.

 

 

Back to top button
Close