Повест за страдалниот лик на Мајката

(Кон романот „Куклата – Портретот на мајка ми“ од Исмаил Кадаре)

„Куклата – портретот на мајка ми“ е едно од најновите дела на знаменитиот албански и европски писател Исмаил Кадаре. Таа прозна целина првично беше дел од книгата „Утрата во кафе Ростан: париски мотиви“ (Mëngjeset në Kafe Rostand: motive të Parisit, во издание на „Онуфри“, Тирана, 2014, потоа и во земјата и градот во кои книгата е создадена: Matinées au Café Rostand, Fayard, Paris, 2017) – еден мозаик од есеи, белешки и сеќавања на различни теми и пристапи, главно прашања што авторот сам си ги поставува во врска со неговата земја и со литературата, пишувани во таа париска кафетерија близу до Луксембуршката градина во текот на годините на емиграција на писателот. Книгата е именувана така, според насловот на воведниот есеј. „Утрата во кафе Ростан“ е дело што видно го привлече вниманието на читателите, брзо станувајќи и бестселер.

Меѓутоа, еден од поновите текстови вклопени во споменатата објава на Кадаре, напишан во 2013 година, е и биографско-психолошкиот кус роман „Куклата“, што поради значењето, пред сè во очите на авторот, беше објавен во посебна книга најнапред во Франција (под наслов La poupée, Fayard, Paris, 2015), а веднаш потоа, на мајчиниот јазик на авторот, и во Албанија (Kukulla, Onufri, Tiranë, 2015). Во романот на автобиографски задлабочувања пишуван во кафетеријата на Едмон Ростан, во медитативните матинеа на Кадаре, меѓу мирисот на утринските кафиња и испарувањата на мечтите и на сеќавањата, централна тема е мајката на авторот, Хатиџе Доби Кадаре, именувана со прекарот „кукла“. Станува збор за дело во кое Кадаре ги бележи комплексните односи меѓу мајката, семејството и него самиот, во повест чиешто дејство се случува во еден достоинствено замолкнат традиционален амбиент на домот, како и на родниот град на авторот. Со својата длабока чувственост, со љубовтa, но и со силните бранови на каење, накусо со искреноста со кои е напишана, „Куклата“ е оној дел од прозната целост на текстовите на Кадаре, што најдлабоко го допира читателот.

Писателот, кој и денес живее во Париз, во своите дела често се навраќа кон  Ѓирокастро, неговиот роден град именуван според средновековна тврдина чиишто камени ѕидишта заблеснуваат со сребрен сјај. Таа е импозантна, исклучително зачувана градба што му е историски украс, но едновремено и традиционално својство, амбиент воедно и метафора за менталитетот, градската традиција и опстојот на луѓето кои живеат во големите куќи од нејзиното подножје.Од метафората на тој камен, најистакнатиот современ албански писател ги извајал своите најсуптилни дела како „Тврдина“ (Kështjella, 1970), „Хроника во камен“ (Kronikë në gur, 1971), „Мостот со три лакови“ (Ura me tri harqe, 1978), „Скршениот април“ (Prilli i thyer, 1980), а во најново време и амбиентот на романот „Кукла“ (Kukulla).

Во оваа комплексна психолошка повест, романот „Кукла“ на којшто му го додава и поднасловот „Портретот на мајка ми“, Исмаил Кадаре се навраќа на амбиентите, камениот лик и атмосферата на Ѓирокастро и врз таа литературна заднина авторот го слика ликот на својата мајка, но и односите кои, како дел од менталитетот на стариот град, владеат и во огромната куќа на Кадареови, во која стежнува традицијата и тешкиот здив на генерациите кои ја населувале импозантната градба стара речиси три столетија.

Иако формирана во некаква полупровинциска, длабоко традиционална средина, во град што во себе ги вплетува обичаите на старите семејства, неколкуте етницитети на една мултикултурна и мултирелигиска средина (различности што се јавуваат како суптилно ехо низ интроспекциските назнаки на авторот, како и низ имињата на ликовите), мајката на авторот, за тогашни пригоди едно подразгалено седумнаесетгодишно девојче од богатото ѓирокастранско семејство Доби, сè уште речиси дете, доаѓа како невеста во старото, традиционално, господствено, веќе осиромашено семејство на Кадареови. Таа кревка девојка со интровертна и сè уште инфантилна природа, допрва требало да ја доизгради сопствената личност, наеднаш се наоѓа притисната помеѓу гордоста понесена од имотното семејство од кое доаѓа и достоинството на старото семејство во кое е омажена. Нејзините конфликти остануваат неразрешени сиот нејзин живот, а писателот ги лови нејзините психолошки потреси со чувствителниот сеизмограф на уметник и, пред сè, на син. Тие конфликти во кревката личност на мајката – опишана како несреќен, осамен и замолчен, бледникав речиси прозрачен лик кој Кадаре го споредува со кукла изработена од хартија – ги излачува, пред сè, менталитетот надвиснат над стариот каменен град, стежнат и врз огромната куќа на Кадареови, стара неколку векови, со тивкото противништво, со атмосферата на замолчената семејна спротивставеност.

Во старата куќа се одвива тивката драма на традиционалниот етос и на меѓугенерациските односи: покрај, но и помеѓу значително постариот сопруг и неговата строга, достоинствена мајка, свекрвата на „куклата“ која ја притиска со авторитетот што го ужива во средината, штитејќи ја репутацијата на една Кадареова, во камениот град позната според господственоста, но и според мудроста… Така, авторот нè запознава и со односите помеѓу куќите на Добиеви и Кадареови, со една галерија на живописни ликови и посетители од поширокиот круг, но пред сè со односите што владеат во домот на неговите предци и родители. Во тие контексти, Кадаре мајка си ја доживува како жртва, но и како безгласна жена подготвена повеќе да ја поднесува затечената, одошто да се избори за својата поинаква семејна состојба.

Длабоката сочувственост и искреност на авторот произлегуваат од гризењето на совеста на синот, кој поради кревката, стивната и страдална природа на неговата мајка, во текот на неговото детство, а и подоцна кога тековите на животот физички ќе го оддалечат од неа, никогаш докрај не ќе успее да ја спознае ниту неа, ниту, пак, силината на своите вистински чувства кон неа, додека таа била меѓу живите.

Тоа чувство го засилува и градбата на овој роман што почнува со смртта на мајката на авторот. Сега, кога таа веќе не е тука, авторот ќе подзапре за да (си) ја разјасни мајка си, доживувајќи ја… како што самиот ќе напише во романот „Како една кукла од хартија“. Во таа метафора се двата потхода на авторот на овој биографски интимистички роман: описот на кревката појава и тивкото страдање на мајката, но и неизреченото обвинување кон замолчениот, дистанциран лик на Хатиџе Доби Кадаре. Смртта на Куклата е поводот за повторното враќање на Синот во родниот град, во минатото, во неговата голема, угледна, но мрачна куќа некогаш со населени, сега со празни соби, со бесмислени ходници, со свијоци и мусандри, дури и со домашен затвор, просторија на којашто Кадаре повеќепати ќе потсети во својата тревожна повест; на камената двокрилна куќа со скали, премини и со одаи во кои своевремено тој се притајувал за да ги ослушнува нејзините таинствени шумови и звуци, сега простори што немо потсетуваат на поранешниот живот на знаменитото семејство, на кревкоста на животот, на трајноста на каменот, но и на камената гордост што ја оневозможува блискоста меѓу најблиските…. Интимистичка повест и се отвора и се развива низ тревожни и болни реминисценции. Од нивните емоционално задушувачки напливи, Кадаре повеќепати се оддалечува; тој бега во книжевни метафори, сеќавања и во мета-литературни рефлексии, за потоа одново да му се врати на тажниот портрет на својата мајка, но своите каења за сите младешки повредувања, за непромислените омаловажувања, за пропуштената блискост со „куклата“.

„Извртеното време влечеше по себе и други метежи. Понекогаш ми се чинеше дека сето она за кое се велеше дека се зема од мајчинското млеко, јас сум го земал од некое друго млеко, некакво различно, она од кукла“, ќе напише Исмаил Кадаре во својата романескна повест „Куклата“, и ќе дообјаснува: „…Понекогаш чувствувам дека сè што ја повредуваше неа во животот, ми користеше мене во уметноста. Дури, речиси поверував, дека намерно го прифаќала самооткажувањето, ако тоа би ми помогнало. (…) Како во откажувањето од секоја слобода и авторитет на мајка, накусо, во нејзиното преобразување во кукла, за да ми ја даде мене сета можна слобода на човек, во еден свет во кој слободата беше толку ретка и сокриена… (како парчето леб рационирано во времето на Германците, кое ќе го откинеше од нејзиниот оскуден дел, за мене скришно да ми го подаде…)“.

„Куклата“ е роман навидум прозрачен и лесен како и ликот на куклата од хартија која се јавува еднакво во личните колку и во писателските асоцијации на Кадаре. Во суштината, се работи за една од оние неголеми книги, но со голема специфична тежина во која ликовите произлегуваат од амбиентот, како дел од пејзажот на Ѓирокастро, градот обиколен со Сребрена тврдина, како што гласи неговото второ име во превод од грчки, во залудната гордост соѕидана во каменот на некои од столетните стари куќи, во виењето на ветровите на историјата, но и на провевот на тивките промени, на тегобноста на тврдокорниот горд етос на албанскиот и посебно на човекот од тоскискиот менталитет и културата, но и на малоградскиот менталитет воопшто, како атмосфери што се прекршуваат врз судбините на неговите жители, а особено врз положбата и судбината на жената во традиционалното балканско семејство, во замолчениот, честопати уплакан, а речиси секогаш замислен и отсутен, секогаш самотен лик на мајката. Ликот кој на авторот сега му недостига до болка.

Ова дело на Исмаил Кадаре, без сомнение најзначајниот современ и најпродуктивниот албански писател воопшто, е важно по неговата интроспективност во која авторот по првпат се задлабочува не само во ликовите од родниот град туку и од своето семејство, колку во ликот на мајка си, толку и самиот во себе. Оваа повест е клуч за подоброто разбирање и на едно особено милје, на една балканска култура, колку и на еден значаен авторски свет и интима.

 

Томислав Османли

Back to top button
Close