Повици на МОН за парични награди за први три места на натпревари по математика и природни науки и на научни олимпијади

Министерството за образование и наука објави повик за доделување парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки одржан во учебната 2020/2021 годинана ученик во средно образование и на наставникот кој го подготвувал за натпреварот.

За прво освоено место МОН ќе додели поединечно парична награда во износ од 50 отсто од просечната нетоплата исплатена во Република Северна Македонија40 отсто за освоено второ место и 30 отсто за освоено трето место.

Под меѓународен натпревар се подразбира натпревар на кој учествуваат ученици од најмалку десет различни држави и притоа се споредуваат знаењата помеѓу учениците од различните држави и се рангираат нивните постигнувања, се наведува во јавниот повик кој МОН го објави на својата веб-страница. 

За меѓународен нема да се смета натпреварот по математика „Кенгур” и МОН нема да доделува парична награда за освоени први, втори или трети места за овој натпревар, кој го организира Сојузот на математичарите на Република Македонија и е дел од Меѓународната асоцијација „Kangourou sans Frontieres”. МОН не доделува парична награда ниту за освоени први, втори или трети места на меѓународни натпревари кои се организираат преку онлајн-аплицирање и меѓународните натпревари кои се однесуваат на проекти. 

Во објавениот повик се достапни информации за условите и начинот на аплицирање, бодирањето и рангирањето, потребните документи, како и пријавата што треба да се достави со нив. Повикот е отворен и пријави може да се доставуваат до 31 август 2021.  

Покрај овој, МОН објави повик и за доделување парична награда за освоен златен, сребрен или бронзен медал на една од 13-те меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad) – на ученикот и на наставникот кој го подготвувал за олимпијадата.

Министерството за образование и наука ќе додели, поединечно, на ученикот и на наставникот кој го подготвувал за олимпијадата, парична награда во износ од 12.000 денари месечно за освоен златен медал, 10.000 денари месечно за освоен сребрен медал и 8.000 денари месечно за освоен бронзен медал. Паричната награда се исплаќа за период од 12 месеци. 

Во овој повик објавен на веб-страницата на МОН се наведени условите и начинот на аплицирање, достапна е и пријавата, а рокот е, исто така, до крајот на август годинава. 

Back to top button
Close