Повик од ЕУ до Западен Балкан за потесна соработка во граничното управување

– Министрите за внатрешни работи на ЕУ на денешниот состанок заклучија дека е потребно да се зајакне соработката со земјите од западен Балкан во областа на миграцијата и граничното управување, јави дописничката на МИА од Брисел.

Земјите членки на ЕУ треба да продолжат да ги поддржуваат земјите од западниот Балкан да ги подобрат нивните системи за азил, ефикасно да се борат против организиран криминал и тероризам, како и да ги подобрат своите капацитет за борба против дезинформации и справување со можни сајбер и хибридни, стои во заклучоците на денешниот Совет за внатрешни работи.

Зајакнувањето на оперативната соработка помеѓу регионот и ЕУ треба меѓу друго да значи развивање на систем на размена на информации и соработка со релевантните ЕУ агенции.

Европската Унија очекува од регионот да го подобри своето гранично управување “посебно во однос на нерегуларната миграција“, како и тоа земјите да продолжат да го усогласуваат своето законодавство од областа на миграцијата и азилот со тоа на ЕУ. Конкретно ова значи, на пример, регистрација на лица кои влегуваат на територијата на една земја како и зајакнување на капацитетите на приемните центри за азиланти и бегалци.

Се очекува земјите исто така да ја подобрат соработката за враќање на свои граѓани кои биле одбиени во ЕУ за бегалски статус или меѓународна заштита.

Back to top button
Close