Повик за учество во изработка на стратегија за интернационализација на образованието
– Министерството за образование и наука објави повик за учество во работна група за изработка на стратегија за интернационализација на образованието која почнува да ја подготвува Националната агенција за европски образовни програми и мобилност заедно со МОН. Целта на документот e да го доближи македонското образование до европските практики и да понуди конкретни чекори за подобрување на степенот на образовна интернационализација во државата.
– Интернационализацијата во образованието помага во личниот и професионалниот развој на сите чинители во образовниот процес. Ги проширува хоризонтите, го зголемува опсегот на социјални врски кои ги градиме и директно влијае врз можностите за вработување. Влијае и врз самите институции, им дава глобална перспектива, можност да бидат во тек со случувањата во меѓународни рамки, како и да го прошират својот опсег на делување, велат од МОН.
За да се обезбеди директно и суштинско учество во изготвувањето на овој стратешки документ, ќе се формира работна група составена од претставници на институции и организации, како и независни експерти кои активно ќе учествуваат со предлагање цели, мерки и активности на стратегијата.
Работната група се очекува да заседава најмалку пет пати, од септември 2020 до јуни 2021 година, и треба да има најмалку осум членови кои ќе нудат сугестии и коментари на нацрт-текстот на стратегијата и ќе учествуваат во осмислување на самиот процес на нејзино создавање и промоција.
Според повикот од МОН, заинтересираните кандидати за членство во работната група треба да имаат најмалку тригодишно искуство во областа на образованието и високо разбирање на образовните политики во државата и европскиот контекст во кој се развиваат. Предност ќе имаат кандидатите со непосредно искуство со тематските области интернационализација и мобилност во образованието.
Во повикот на МОН се наведени критериумите за избор на кандидатите и потребните документи за аплицирање заедно со пријавата. Рокот за аплицирање е заклучно со 20 септември 2020, на електронската адреса [email protected] со назнака „Пријава за учество во работна група“ во предмет на електронската порака.