Повикот на шефот на ОН за независна истрага на смртните случаи во близина на пункт за помош во Газа е „срамен“, смета израелското МНР
Вчерашниот повик на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за спроведување независна истрага за наводните израелски напади во близина на центрите за дистрибуција на помош во Газа, предизвика остра осуда од израелската Влада, јави ДПА.
Портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи, Орен Марморштајн, ја нарече изјавата на Гутереш „срам“ и го критикуваше шефот на ОН за тоа што не ја споменал палестинската исламистичка група Хамас или нејзиното отфрлање на предлозите за прекин на огнот и ослободување на заложниците.
„Ни збор за фактот дека Хамас е тој што пука во цивили и се обидува да ги спречи да собираат пакети со помош“, напиша Марморштајн во објава на X, пренесе ДПА.
Гутереш претходно побара истрага за извештаите, врз основа на тврдењата на Хамас, дека во израелските напади се убиени цивили кои бараат помош. Канцеларијата за медиуми, управувана од Хамас, во неделата соопшти дека 30 лица се убиени во такви инциденти.
„Неприфатливо е Палестинците да ги ризикуваат своите животи за храна“, напиша Гутереш на X, додавајќи дека Израел е обврзан според меѓународното хуманитарно право да го олесни доставувањето на помош.
Израелската војска ги отфрли обвинувањата, велејќи дека прелиминарниот преглед не пронашол докази за пукање врз цивили во близина или внатре во хуманитарните објекти. Тврдењата не можеа да бидат независно потврдени, пренесе германската агенција.
Израел неодамна ѝ дозволи на Хуманитарната фондација за Газа (GHF) да дистрибуира помош во Појасот Газа, заобиколувајќи ги агенциите на ОН, а воедно продолжи со ограничените испораки на помош по речиси тримесечна блокада.