Повикот на ЗНАМ за оставки во СДСМ е алиби да ја оправдаат својата поддршка за Силјановска-Давкова во вториот круг, вели Ковачевски

Свесни сме дека владеењето на правото и големата недоверба во судството, како и одредени кадровски решенија и однесување на коалициони партнери, како ДУИ и одредени нивни функционери влијаеше да имаме таков изборен резултат.

Ова го рече лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва во вестите на ТВ Сител, одговарајќи на прашањето дали со раководството на паријата направиле анализа за резултатите од првиот круг на претседателските избори, како и дали изборниот резултат е грешка на партијата или и на кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски.

„Факт е дека СДСМ, односно Стево Пендаровски освои 180 илјади гласови, но факт е и дека градоначалник на СДСМ заради одлуки кои биле носени во минатото и негово несогласување со одредени функционери на СДСМ, отиде сам, направи политичка партија каде се одлеаја гласови кои се или на членови на СДСМ или на традиционални гласови на СДСМ. Кога ќе соберете гласови на десниот и левиот спектар тогаш разликата е во рамките на она што било и во минатото“вели лидерот на СДСМ.

На прашањето дали треба да му се подаде рака на Максим Димитриевски, лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и кандидат за шеф на државата во првиот круг од претседателските избори, кој освои околу 80 илјади гласа, Ковачевски рече дека рака им подаваат на сите прогресивни граѓани кои сакаат да ја видат земјата во Европската Унија.

„Тоа се гласачи кои традиционално гласаат за СДСМ. Од низа причини се одлучиле да гласаат за друга политичка опција која прокламира социјалдемократски вредности, но во сусштина нема ништо социјалдемократско. Единствено што тој нов политички субјект има е коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во Куманово и повик за гласање за ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг на претседателските избори. Да, ние даваме рака за обединување на сите граѓани, на сите членови на партијата, со цел СДСМ да биде застапен во Парламентот ззастапен на ниво да може да влијае на реформските одлуки кои треба да се носат во наредниот период“,вели лидерот на СДСМ.

За повикот на Димитриевски, раководството на СДСМ прво да даде оставка, па потоа да се разговара за евентуална коалиција меѓу ЗНАМ и СДСМ, Ковачевски вели дека раководството на СДСМ се бира според статут на партијата и дека дека субјектот ЗНАМ и нивниот претседател тој повик не го напишале кон СДСМ, туку како што додаде, го напишале кон самите себеси за да можат да ја оправдаат својата одлука да можат да ја поддржат Гордана Силјановска на вториот круг претседателски избори.

„Што и се случи во текот на изминатиот ден мислам дека нивниот претседател повика, кажа дека ќе излезат на гласање и дека нема да гласа за Стево Пендаровски и дека ќе гласа за другиот кандидат. Тоа е повик до неговите гласачи“рече тој.

Ги повика сите гласачи, вклучително како што посочи и тие што во првиот круг го дале гласот за ЗНАМ, да изберат вистинска социјалдемократска опција.

„Во 2006 година видовме како изгледаше едно такво раслојување на левицата која што на крајот заврши повторно со обединување, тие кои во 2006 тука мислам на НСДП ја одиграа истата улога на крајот сега се дел од коалицијата со СДСМ затоа што на крајот на денот левицата во Македонија е оргиналната формирана во НОБ наследник на НОБ, наследниците на Киро Глигоров се во СДСМ, тие не може да бидат во некој дериват кој што одработува и работи за ВМРО-ДПМНЕ“ вели Ковачевски.

Димитриевски постави услови за коалиција: Врвот на СДСМ да поднесе оставка, а ВМРО-ДПМНЕ да не заговара соработка со Заев

На граѓаните им порача дека е човек кој не се откажува, но и дека, како што додаде, тие треба да размислат каде ќе го дадат совојот глас.

„Граѓаните одлучуваат кој ќе биде победник на изборите, меѓутоа постојат два типа на гласање. Едниот е ‘против‘ другиот е ‘за‘. Јас сметам дека секогаш е подобро да се гласа ‘за‘, за европска иднина, за сигурна иднина на државата и граѓаните, за повисок животен стандард, за подобро владеење на право, за подобра борба против корупција, подобро образование и здравство“вели тој.

Back to top button
Close