Повлечени, па вратени во Собранието законите за стратешки инвестициски проекти, за Битиќи нема ништо надвор од процедурите

Законот за изградба на когенеративната централа „Митилинеос“ и уште три од корпусот стратешки инвестициски проекти, откако беа повлечени од собраниска процедура, од вчера повторно се вратени во постапка во законодавниот дом од страна на Владата.

Имено, вчера Владата одржала две седници. На едната, 7. по ред, биле донесени заклучоци за повлекување на четирите закони за стратешки инвестициски проекти од собраниска процедура. На втората, 8. седница, била донесена нова одлука законите повторно да бидат доставени во Собранието, но овој пат со потпис на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Претходно, пред да бидат повлечени, предлагач на законите беше министерот за економија Крешник Бектеши.

Инаку, станува збор за предлог-законите за стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос“, когенеративна постројка Скопје, за „Соларен парк Стипион“ и договор за стратешки инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, потоа предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект „Аим грин тек“ и предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект соларна електрична централа – Пехчево. Сите предложени закони беа поднесени во скратена постапка. Треба да се носат согласно Законот за стратешки инвестиции.

 

Како што може да се види на веб-страницата на Собранието, предлог-законите повторно се во парламентот, а приемот на материјалите е со вчерашен датум (27 февруари). Овластен предлагач е вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, а законите останува да се носат по скратена постапка.

Известувања од Владата за повлекување на законите за стратешките инвестициски проекти

Во јавноста најголемо внимание привлече законот за когенеративната постојка која според договорот треба да ја гради грчката компанија Митилинеос кај скопска Железара. Дел од експертите изминатиов период реагираа дека со реализацијата на овој проект државата ќе претрпи огромни финансиски штети, а грчкиот инвеститор од друга страна ќе има голема добивка и ќе се богати.

За репреговарање на некои од деловите од договорите со еден од стратешките инвестиции беше министерот за економија Крешник Бектеши, кој е од редовите на ДУИ.

„За една од нив имам сомневања дека треба да се репреговара, зашто како Министерство за економија не сме биле директно вклучени во преговорите. За двете други веќе имаме анализи од реномирани интернационални институции и нивните препораки се инкорпирирани во веќе постоечките законски решенија и предлог-договори кои се анекс на законските решенија. Затоа следната недела ќе бараме дополнително објаснување од тимот кој бил вклучен во преговорите и тоа што е прифатено од Комисијата која е формирана од Владата за една од инвестициите која е во собраниска процедура. Ако е потребно, ќе бараме да се вратат одредени решенија во Владина процедура, за да можат да се преговараат од почеток“,изјави Бектеши на 9 февруари.

Министерот не сакаше да ја наведе компанијата и рече дека не би било фер од негова страна да наведе одредена компанија на прес-конференција.

Бектеши бара да се репреговара со еден од трите стратешките инвеститори – спорно е профитабилни инвестиции да добиваат два или три вида државна помош

На една од владините седници што следуваа по овој датум тој, како што пренесоа медиумите, побарал законот за „Митилинеос“ да биде повлечен, а преговорите со инвеститорот да почнат од почеток, затоа што не може еден инвеститор да добива повеќе видови помош од државата.

За вчерашната ситуација со повлекувањето, па повторното враќање во собраниска процедура на законите за стратешките инвестициони проекти денеска, одговарајќи на новинарски прашања во рамките на настан во Скопје, свое објаснување даде вицепремиерот Фатмир Битиќи. Тој кажа дека на владините седници не се случило ништо што е надвор од процедурите и дека законите биле повлечени за да елиминираат недоумиците во врска со тврдењата дека за законите нема мислења од дел од институциите.

„Вчера не се случи ништо надвор од процедури коишто се случуваат. За жал, јас сум кажал дека во нашата кревка држава се случува да некогаш заради икс причини, одреден документ, одредено мислење од институциите не се појави во системот и одредени институции не можат да го видат. Во јавноста, меѓу кои и вие како новинари укажувавте дека немало мислење на Комисијата за заштита од конкретност, па немало мислење на државното правобранителство. За да ги елиминирам сите овие недоумици беа повлечени законите. Во системот се сите мислења со датуми многу поодамна – од државно правобранителство со позитивно мислење од 23 јануари, некаде дваесетина дена пред првично да бидат испратени законите во Собрание, но некој не сакал да ги види или не требале да се видат. Комисија за заштита од конкуренција има дадено мислење врз основа на сите договори на 7 февруари, и тоа некој не сакал да го види. И за да нема такви недоумици ги повлековме законите“изјави Битиќи.

Во меѓувреме, како што рече, било разгледувано дали мислењата коишто се дадени имаат одредени укажувања.

„Благодарност до вас до сите новинари кои што исцрпно ги читавте договорите, направени се одредени интервенции во самите договори и во два од законите избришани се одредени членови за кои Комисијата за заштита на конкуренцијата имаше одредени укажувања. Го направивме тоа што би требало секој еден јавен функционер да го прави, а тоа е на Влада, во институциите, да го слуша гласот на институциите. Ние само тоа го направиме, а секако преговорите што траеја две и пол до три години со стратешките инвеститори не можам да ги вратам надвор од институциите“рече вицепремиерот за економски прашања.

Одговарајќи на прашање дали кај сите закони имало интервенција, Битиќи изјави дека имало кај „Митилинеос“ и кај „Аим грин тек“, како и кај сите четири договори.

„Но договорите знаете дека не се усвојуваат во Собрание, туку заради транспарентност тие се дадени во Собрание на увид на сите во јавноста и сметам дека тоа е правиот начин на кој треба да се функционира. Ништо не криеме од јавноста, ништо не криеме од кого било и затоа, иако законски немаме обврска договорите бидат составен дел на законите што ќе бидат усвоени во Собрание, јас инсистирав договорите да бидат дел од расправата“рече Битиќи.

„Ние до денешен ден не добивме одговор на барањето да бидеме поканети и да го изнесеме нашето мислење по прашањата што се разгледуваат на седниците на работните тела: Комисија за економски прашања и Законодавно правна комисија за четирите закони за реализација на стратешки инвестициски проекти. Ве известуваме дека Законот за стратешки инвестиции врз основа на кој се носат овие закони како лекс специјалис, е окарактеризиран како закон кој согласно формата и содржината може да продуцира ризици од корупција од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата и за истиот во постапка се измени и дополнувања”,се вели во соопштението на Здружението на инженери на Република Македонија.

 

Back to top button
Close