Повредени шест полицајци и уапсени девет лица во вчерашните протести во Атина

Во инцидентите што вчера се случија пред грчкиот Парламент за време на протестот против новиот закон за демонстрации, штрајкови и собири, повредени се шест полицајци, а уапсени се девет лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис, во чија надлежност е полицијата говорејќи во Парламентот за инцидентите, рече дека имало „убиствен напад врз полицајците од насилници“, објасни дека илјада лица ги нападнале полициските сили, фрлиле 15 молотови коктели, а полицијата одговорила со солзавец „за да нема повредени, за да нема штета на имоти и физички повреди и на полицајците и на демонстрантите“.

Паралелно додаде дека се уапсени девет лица, осум се приведени, повредени се полицајци,а во околината на Синтагма биле пронајдени многу неупотребени молотови коктели.

-Значи дека постоеше план и за да се растури протестот и за да се повредат луѓе и за да се предизвика штета. Јас едно имам да кажам, сѐ додека постои оваа влада, сѐ додека ние сме во Министерството за цивилна заштита, нема никогаш повеќе да дозволиме ниту луѓе да бидат повредени, ниту да биде нанесена штета на имотите на луѓето. Да знаете дека ова е нашиот основен принцип и секој оној кој користи убиствени оружја, без разлика дали е вистинско оружје или молотов, ќе биде уапсен, рече Хрисохоидис.

Како што синоќа објави МИА, за време на протестот пред грчкиот Парламент во Атина, во пресрет на гласањето на новиот закон за штрајкови и демонстрации, поголема група маскирани млади лица ја нападнаа полицијата со молотови коктели и разни тврди предмети, а полицијата одговори со шок бомби и солзавец.

Беше предизвикана материјална штета на дел од влезовите на хотели во близина на Парламентот, а испишани беа и слогани на ѕидовите од хотелите.

Инцидентите продолжија и низ околните улици, но и покрај големото количество на солзавец, дел од демонстрантите сепак останаа пред Парламентот.

Протестите беа организирани на неколку различни локации во центарот на Атина од Синдикатот на Комунистичката партија, левичарски и вонпарламентарни организации и партии, левичарско ориентирани студентски движења, членови на СИРИЗА, меѓу кои и поранешни министри и сегашни пратеници. Крајната дестинација на сите собири беше грчкиот Парламент каде избија инцидентите.

Кусо по завршувањето на инцидентите, грчките пратеници со 187 гласа „за“ и 101 „против“ лго изгласаа новиот закон за протести, демонстрации, штрајкови и сл.

Back to top button
Close