Повредените при пукањето во „Ист гејт мол“ се уште во животозагрозувачка состојба

Двајцата повредени при денешното пукање во „Ист гејт мол“ сѐ уште се во животозагрозувачка состојба, потврдија за МИА, директорите на болниците каде беа оперирани, директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, Љубен Арсенков и директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи.

Арсенков појасни дека едното лице е се уште ставено на апарат, на машина за дишење.

– Се работи за сериозни повреди. Следуваат испитувања. Уште е во животозагрозувачка состојба. Има прострелна рана во стомакот, во градниот кош, така да, многу е рано да даваме некои прогнози за тоа како ќе биде, изјави тој за МИА.

И директорот Јакупи, исто така, не можеше да даде каква било прогноза за состојбата на другиот пациент.

– Направена е опширна операција на градниот кош и на рамото, има повеќе прострелни рани, уште е во животозагрозувачка состојба. Ќе видиме како ќе биде. Ноќва ќе ја помине во шок соба на КАРИЛ, појасни Јакупи во изјава за МИА.

Министерството за внатрешни работи објави фотографија од лицето кое со огнено оружје пукаше кон двете лица во скопскиот трговски центар „Ист гејт“.

– На фотографијата обезбедена од полициските служби е лицето кое го изврши кривично – правниот настан. Ги повикуваме сите граѓани доколку го забележат ова лице, имаат какви било сознанија за него или корисна информација што може да помогне во истрагата, што СВР Скопје ја води во координација со јавен обвинител, веднаш да известат во најблиската полициска станица или да пријават на телефонските броеви 192 или 112, се наведува во соопштението на МВР

 

Back to top button
Close