Повредите на една класа: Борбата за егзистенција на текстилните работнички

Па и овоа време-невреме, со оваа корона шо нè фати, со пусти страх идам на работа, од дека пари за живеачка, не па за лекови на болниот ми сопруг…Толку ми се плаче дури да се дерам на глас ама стиснам заби и ќутам

Од самиот почеток на кризата со Ковид-19 во земјава, граѓанските организации кои се залагаат за правата на текстилните работнички предупредуваа за зголемените ризици на кои се изложени оваа група на граѓанки.

Помеѓу текстилните работнички владееше голем страв од ширењето на вирусот. Имајќи ги предвид условите за работа во погоните за производство во текстилната индустрија, како и условите во групниот превоз кој го користат работничките до работа, уште во март имаше апели до работодавачите да се искористи годишниот одмор каде што е можно и да се ослободат работничките од работа за времетраењето на кризата. Немаше посебна уредба и мерки за регулирање на работниот процес во производствените погони, па работничките и работодавачите се соочуваа со проблем од недостиг на информации кои би го регулирале ,,новото” нормално во текстилната индустрија.

Како прогресираше состојбата со вирсуот во државата, текстилната индустрија го предводеше бранот на колективните откази, одјавувањата од страна на работодавците, прекувременото работење, исплатата на плати под минимално дозволената, како и злоупотребите на договорите на определено време и непродолжувањето на договорите на најранливите и оние кои беа заштитени со владините одредби (како хронично болните, бремените жени и мајките на деца под 10 години).

На 28.03.2020, техничкиот премиер Оливер Спасовски најави дека за фирмите кои отпуштаат вработени за време на кризата нема да следува парична помош од државата. Во април, според Кристина Ампева од Гласен Текстилец, престанаа колективните отпуштања, но продолжи трендот на не продолување на договорите на работничките и работниците кои се ослободени од работа со потврди дека имаат деца до 10 години. Исто така, утврдени се прекршоци во делот на намалување на платите, па така Ампева изјави за Слободна Европа дека работниците земале и по 4, 6 или 9 илјади денари кои се под минималната плата во државата, но инспекторите си ја завршиле својата работа и наложиле исплата на минималната плата.

Истиот месец, со воведување на полицискот час и карантинските викенди, на конфекциите и погоните им беа издадени дозволи за да се продолжи со непречено работење, уште еднаш игнорирајќи ги опасностите од условите во превозот на работничките и условите за работа во погоните за производство.

Денот на трудот, 1ви мај, Министерката за финансии им го честита на работниците со објава дека фирмите кои сепак отпуштиле работници ќе можат да аплицираат за субвенции од владата. По острите реакции од страна на синдикатите и граѓанскиот сектор, Втората уредба сепак пропиша можност за склучување на спогодба помеѓу работодавачите и работниците одјавени од задолжително социјално осигурување во периодот од 11.03.2020 година до 30.04.2020 година за враќање на работа како услов за аплицирање за субвенциите.

На 28ми мај, Министерството за здравство објави дека во конфекција во Штип која беше затворена поради позитивен случај на Ковид 19, има уште две позитивни работнички. Тој ден, 130 лица беа во самоизолација. Веќе на 1ви јуни, со вкупно 55 заболени и 169 решенија за самоизолација по однос на контакти, на предлог на Општинскиот штаб за заштита и спасување и Централниот кризен штаб, се донесе одлука за затворање на 5 конфекции и почна скринингот на сите вработени. Како најголем ризик за пренесување на ризикот беа посочени автобусите со кои се пренесуваат работничките, нешто што го посочи и Министерот за здравство Венко Филипче. Инспекторските контроли повторно замижаа и не утврдија никакви недостатоци по ова прашање.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Гласен Текстилец алармираа дека повеќе текстилни фабрики во Штип ќе работат за време на полицискиот час во викендот што следи, по што градоначалникот на Штип побара целосна забрана за работа на текстилните фабрики во Штип, а Владата го прифати барањето и донесе забрана за работа на сите фабрики во текстилната и кожарската индустрија викендов.

Проблемот со прекршувањата на правата и злоупотребата на работничките во текстилната индустрија не започна со кризата предизвикана од коронавирусот. Неиплаќањето на плати, субстандардните услови во погоните, бланко отказите, неплатените одмори и прекувремената неисплатена работа, како и вознемирувањето на работните места се само дел од проблемите со кои текстилните работнички се соочуваат со години наназад. Додека граѓанскиот сектор посочува на одредени подобрувања во последните години во дел од фабриките, состојбата во текстилната индустрија е ужасна. Кризата предизвикана од коронавирусот само дополнително ги кристализира и ги направи уште повидливи недостатоците од страна на институциите и системот за заштита на работничките права, како и нехуманите услови во коишто работат текстилните работнички.

Во овој серијал, Медуза ќе пренесува сведоштва на текстилните работнички за време на и по кризата со коронавирусот во државата. Сведоштвата ви ги пренесуваме во нивната оригинална форма.

Денови

Колку пати наутро кога одам на работа помислувам на Рациновата ДЕНОВИ и со грутка на душата си викам дали е можно со текот на годините да не бледнее, туку напротив сè повеќе си ја кажуваме како во основно, ама сега како сушта реалност за нашите животи.

Одам со ташна на рамо, а чуствувам како нозите ми се враќаат назад, ама душата ме боли, како ќе го издржам дено кога мислите ќе ми бидат дома, зошто гајлето што го имам ми е големо и болно ама кога се мора, мора!!!

Па и овоа време невреме, со оваа корона шо нè фати со пусти страх идам на работа, од дека пари за живеачка, не па за лекови на болниот ми сопруг…..Толку ми се плаче дури да се дерам на глас ама стиснам заби и ќутам ….

Се качуваме во автобус стиснати едни до други, какво растојание какви бакрачи, какви мерки на претпазливост, иако со маски, ама еден до друг си дишеме во шија. Изговорот на газдите е нема автобуси, од наредниот ден ќе пуштат и ќе имате доволна раздалеченост едни меѓу други….

Внатре во погоните се расчистува за да имаме простор меѓу нас, дадените две, три маски си ги преперуваш оти други нема, а ракавици почнавме и сами да си купуваме си шепотиме една меѓу друга и со страх да не бидеш пренесена на мајсторица, шефица па на газда. Работеш со наведнана глава и слушаш викање: жени на тие шо се дома со мали деца да им кажете да довагат на работа, нека се снајдуват како претходно, а оние со поголеми деца нема шо да седат дома, децата можат да се чуват и сами големи се и да им пренесете како ќе бидат исплатени не се знае.

Доаѓа и време за пауза ама не ти се јаде чепнуваш по некој залак и трчеш на кафе и цигаре едноставно само цигарата те смирува и релаксира. Изминале дваесетината минути и се враќаш на машината и како програмирана почнуваш да шиеш и тоа се под прсти по навика едноставно чекаш да дојде три часо да си појдеш дома.

Ја поминуваш таа голгота на работа и кога улаваш дома мора да имаш смирен израз на лицето за да не ги тревожеш домашните, ни сопругот, ни ќерката. Со самото стигнување одма си спремен на критики од черката дека многу се задржувам во маркет и по пат. Не ѝ се лутам туку душата ме боли дека ја оставам дома да го негува татка си и да ги прави сите работи кои се моја обврска и гледам да и се насмевнам широко и да и речам да оди да се одмори…

Сопругот само молчи и упорно гледа во телевозорот, го молам со јадење а тој ми вика покасно не можам сега. Седиме двајцата и тишината ја прекинува звонењето на телефонот, сите се разведруваме кога ќе ни се јави другата ќерка која привремено работи во Дубаи, светла точка во нашите животи која ни е морална и финансиска подршка…

Разговараме, а на душата толку многу ми е мачно од самата мисла колку многу ја теретиме ама кога го видам озареното лице на мажот ми благодарна сум му на бога што сме одгледале вакви одговорни деца.

Велат сè минува, само да сме живи и здрави, ама тоа здравје бара пари за живеачка а за лековите многу тешко ама до сега некако се снајдувам со помош на децата….

Што ни носи утрешниот ден никој не знае, ама надежта е голема дека ќе дојде подобро утре, а Рациновата поема ќе биде само сеќавање на нашето културно историско минато, а не потсетница на експлоататарскиот однос кој што трпиме во конфекциите!

Ена Бендевска

Извор: Медуза

Back to top button
Close