Повторно амбасадорски состанок на ЕУ за проширување, мали шансите за преговори

Амбасадорите на земјите членки денеска уште еднаш ќе се состанат во пресрет на министерскиот совет на ЕУ на 8 декември за да ги усогласат заклучоците на текстот, шансите Бугарија да попушти до осми се речиси непостоечки, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ситуацијата останува за сега непроменета во Брисел во однос на ветото на Бугарија за отпочнување на преговорите со Северна Македонија, и покрај силните обиди на сите останати земји членки на Унијата.

Дипломатите во Советот на ЕУ, како и германскиот министер за Европа неодамна, јасно покажуваат со прст кон Софија за неотворањето на преговорите со Северна Македонија. За разлика од претходните блокади кога ЕУ членките ја “штителе“ земјата што блокира,  порачувајќи дека “не е постигнат консензус во ЕУ“ за почеток на преговори, овој пат “виновникот“ за блокада отворено се посочува во Софија.

Поради овој тврд став, очекувано заклучоците не содржат датум за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, туку се поздравува “одлучноста“ на Северна Македонија да напредува во ЕУ реформите.

-Советот ја разгледува преговарачката рамка во овој момент со Северна Македонија и очекува да ја одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо, согласно заклучоците на Советот од 25 март 2020, вака гласи текстот што се однесува на преговорите со земјава.

Неколку дипломати во Брисел сѐ уште не губат целосно надеж дека до крајот на декември можеби бугарската влада ќе почне да омекнува, посебно со оглед на тоа дека сѐ поотворено владата на Бојко Борисов се поистоветува со “проблематичните“ земји како Унгарија и Полска, во голем дел поради корупцијата во земјата, а сега и поради блокадата кон Северна Македонија, неразбирлива за останатите земји членки кои цврсто стојат на ставот дека процесот на проширување на смее да биде заложник на билатералните прашања.

Канцеларката на Германија Ангела Меркел исто така уште еднаш изрази надеж дека до крајот на годинава ќе има придвижување за Северна Македонија.

Дипломатите сметаат дека можеби за време на Самитот на ЕУ на средина на декември, директните билатерални контакти помеѓу Борисов и останатите шефови на држави и влади на ЕУ ќе бидат прилика за нов обид за притисок.

Доколку Бугарија не попушти сега, првата половина на 2021 е под знакот на португалското претседателство кое има помалку интерес за проширувањето, а Бугарија има избори во март, така што најверојатно одлуката тогаш би се одложила дури за втората половина на 2021, што предизвикува загриженост кај мнозинството земји членки во однос на одржувањето на реформскиот курс во Северна Македонија.

Во нацрт-заклучоците на Советот се поздравува реформскиот напредок на Скопје, посебно во делот на владеењето на правото и се бара постојана заложба од власта и од опозицијата во борбата против корупцијата како и продлабочување на дијалогот меѓу нив.

Заклучоците го фалат напредокот во судството и стапувањето во сила на новиот закон за Советот на јавни обвинители и законот за јавно обвинителство кои треба да овозможат разрешување на предметите кои произлегуваат од СЈО.

Крупна забелешка на министрите на ЕУ се однесува на способноста на парламентарен надзор врз разузнавачките служби кој треба да биде зајакнат. 

Back to top button
Close