Повторно се шират невистини дека дискотеката„Пулс“ во Кочани била намерно запалена

Фото: Теута Бучи, Порталб

Видеоматеријалите, кои постојат од моментите на настанувањето на пожарот, покажуваат дека прскалките го зафаќаат просторот над бината додека на сцената и во дискотеката се одвива настапот, но не го потврдуваат она кое е изнесено во објавата дека „дискотеката била намерно запалена“

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Од самиот настан до денес уверен сум дека ДискоШупата во Кочани била намерно запалена, и предпоставувам планираат ново ЗЛОСТОРСТВО

Не е вистина дека дискотеката „Пулс“ во Кочани била намерно запалена. Тоа не произлегува ниту од обвинението што го поднесе Јавното обвинителство, ниту од видеоматеријалите коишто се составен дел од доказниот материјал, а дел од нив се јавно достапни. Обвинението коешто беше презентирано на прес-конференција нема во својата содржина дејствие дека „дискотеката била намерно запалена“.

Обвинението се однесува на мноштво верижни пропусти од тоа што просторот немал дозвола ниту технички услови и стандарди да биде дискотека, употреба на несоодветни и леснозапаливи материјали,  до тоа дека се пропуштале поголем број на луѓе отколку капацитетот, но во делот на самото настанување на пожарот нема дел за „намерно предизвикување на пожарот“. Наспроти тоа, во обвинението се наведува дека како резултат на мноштвото пропусти, на 16 март, на критичната вечер, на усно договорен настап без формално потпишан договор со музичката група ДНК, заради сценските ефекти при настапот била договорена употреба на пиротехнички средства. Во клубот се пропуштале посетители, меѓу кои и деца со што бил надминат дозволениот број посетители.

Биле активирани три пиротехнички фонтани на три базни уреди со телескопска антена, кои биле набавени без одобрение. Фонтаните исфрлале искри во правец на плафонот над сцената и како резултат на тоа започнало прогресивно опожарување на полиуретанскиот сунгер со кој бил обложен плафонот во објектот. Огнот брзо се проширил на целиот објект. Меѓу посетителите настанало масовно, неконтролирано и панично бегање преку единствениот излез за евакуација, кој не бил безбеден затоа што на патот за евакуација имало двокрилна двонасочна врата која претставувала пречка за движењето. Поради целосното непочитување на безбедносните правила за заштита од пожар, преполнетоста на објектот со постители, настанало масовно туркање и паѓање на посетителите во ходникот со што напуштањето на објектот било целосно попречено и биле предизвикани тешките последици, информираа од Обвинителството.

Видеоматеријалите, кои постојат од моментите на настанувањето на пожарот, покажуваат дека прскалките го зафаќаат просторот над бината додека на сцената и во дискотеката се одвива настапот, но не го потврдуваат она кое е изнесено во објавата што ја рецензираме дека „дискотеката била намерно запалена“.

„Вистиномер“ претходно дебанкираше други невистинити објави поврзани со настанувањето на пожарот во „Пулс“ меѓу кои и невистината дека „прскалките биле ладни“.

Не е првпат да се споделува невистина дека „пожарот во Пулс бил намерно подметнат“. Во минатото дебанкиравме слични тврдења кои теоријата на заговор ја водеа во корелација со „длабоката држава“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Back to top button
Close