Пожар на непристапен терен кај селото Вржале во Општина Зелениково, од утре ќе се дејствува од воздух

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али попладнево сподели фотографии од пожар на отворено што избувнал кај селото Вржале во Општина Зелениково.

Тој информира дека на терен е заедно со заменик-командантот на ТППЕ – Скопје, Ерол Алиу и екипите на скопската противпожарна бригада што се ангажирани во гаснењето на огнот и спречување на негово понатамошно ширење. Ангажирани се и две специјализирани возила од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„Состојбата ја следам и директно ја координирам од терен, во тесна соработка со сите ангажирани екипи. Наш приоритет е пожарот да го ставиме под контрола, да го локализираме и да продолжиме со сите потребни капацитети до негово целосно гаснење“,вели Али.

Како што соопшти ЦУК, пожарот е на непристапен терен што не овозможува негово целосно локализирање со интервенција од земја. Затоа од утре е планирана и воздушна интервенција што ќе се реализира во зависност од временските услови и состојбата на терен.

„Екипите ќе останат на терен и ќе ја следат состојбата во текот на целата ноќ, со цел секоја промена да биде навремено детектирана и да се реагира брзо и координирано“,соопшти Али.

Back to top button
Close