Пожар во зграда во Њу Делхи – најмалку 21 загинат, повеќето странци кои дошле на лекување
Најмалку 21 лице загина, а неколку се повредени откако пожар зафати висока зграда во индискиот главен град, Њу Делхи, соопшти полицијата.

Многу од жртвите биле странски државјани од јужноазиските земји кои патувале во Индија на медицински третман или за да ги придружуваат роднините кои се на лекување, објавија локалните медиуми.
Зградата наводно функционирала како пансион за пациенти и роднини на лица кои се лекуваат во блиската приватна болница.
Повеќе од 40 лица биле спасени и префрлени во болницата. Сè уште не е јасно колку луѓе биле во зградата кога избувнал пожарот.
Причината за пожарот сè уште не е позната.
Пожарникарите го ставија пожарот под контрола, додека спасувачките операции на местото сè уште се во тек.
Премиерот Нарендра Моди изрази сочувство и најави обештетување од 200.000 рупии (2.088 долари) за семејствата на загинатите и 50.000 рупии за повредените.






