Пожарите во Лос Анџелес се проширија и во Холивуд

Големите шумски пожари кои го опкружуваат Лос Анџелес, Калифорнија, се проширија на Холивуд Хилс, откако во другите пожари во областа загинаа најмалку пет лица, беа уништени стотици домови и исцрпени ресурсите за гасење пожари и залихите на вода.

Повеќе од 137 000 луѓе се евакуирани бидејќи сувите ветрови ги отежнуваат операциите за гаснење на пожарите и шумските пожари кои беснеат речиси непречено од вторникот во областите погодени од суша, пренесува Ројтерс.

Нов пожар избувна во Холивуд Хилс во средата вечерта (8 јануари), изјави началникот на пожарникарите Кристин Кроули, принудувајќи повеќе евакуации.

Бројот на пожари во округот Лос Анџелес се искачи на шест.Четири од нив се надвор од контрола, вклучително и два големи пожари на источната и западната страна на градот, кои продолжија да се шират во средата вечерта.

Шумски пожар во Холивуд Хилс изгоре 20 хектари во средата, соопшти пожарникарската служба на Калифорнија. Противпожарната служба во Лос Анџелес издаде наредба за евакуација на луѓе во област во Холивуд, каде што живеат познати имиња поврзани со филмската и забавната индустрија.

Внатре во тој простор е театарот Долби, каде што се одржуваат Оскарите. Објавувањето на номинациите за Оскар е одложено поради пожарот, соопштија организаторите.

Иако е релативно мал во споредба со другите, тој оган гори токму над булеварот Холивуд и Булеварот на славните. Преминувањето преку автопатот би го загрозило холивудскиот знак на ридот како и опсерваторијата Грифит, потсетува Ројтерс.

На западната страна на Лос Анџелес, пожарот на Пацифик Палисадес проголта 6406 хектари и стотици градби во ридовите меѓу Санта Моника и Малибу во вторникот, а го зафарти и кањонот Топанга додека не стигна до Тихиот Океан.

На исток, во подножјето на планините Сан Габриел, вториот пожар уништи уште 4289 хектари, 1000 објекти и уби најмалку пет лица, соопштија локалните власти.

Метеоролошката служба AccuWeather ја процени првичната штета и економската загуба на повеќе од 50 милијарди долари.

 

„Имаме работа со историска природна катастрофа“, рече Кевин Мекгован, началник за управување со итни случаи за округот Лос Анџелес.

Размерите и ширењето на пожарот ги исцрпиле противпожарните бригади.

Пожарникарите се борат со пожарот кој зафати повеќе објекти во населбата Пацифик Палисејдс во Лос Анџелес, Калифорнија, САД, 7 јануари 2025 година

Пожарникарите од шест други држави беа итно пренесени во Јужна Калифорнија, изјави началникот на пожарникарите во округот Лос Анџелес, Ентони Мароне.

Недостигот на вода предизвика пресушување на некои хидранти во луксузните Пацифички Палисади, изјавија официјални лица.

„Го доведовме системот до крај. Се бориме со пожарите со градските водни системи“, рече извршниот директор на Одделот за вода и електрична енергија во Лос Анџелес, Џенис Кинонес.

Пожарите избувнаа во особено чувствително време за Јужна Калифорнија, каде што нема значителни врнежи дожд со месеци.

Потоа следуваа силни ветрови, носејќи сув пустински воздух од исток кон крајбрежните планини и разгорувајќи шумски пожари, пренесува Ројтерс.

Научниците истакнуваат дека пожарите, кои избувнуваат надвор од традиционалната сезона на шумски пожари, го означуваат најновото екстремно време кое најверојатно дополнително ќе ескалира бидејќи глобалните температури продолжуваат да растат во наредните децении.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој ги прогласи пожарите за голема катастрофа, му се придружи на гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом во противпожарната станица во Санта Моника за да биде информиран за напорите за гаснење на пожарите.

Во последните денови на функцијата, Бајден го откажа претстојното патување во Италија за да се фокусира на координирање на федералниот одговор на шумските пожари, соопшти Белата куќа.(РСЕ)

Back to top button
Close