Пожарна зона
1.
Експертите за пожари, врз основа на анализи и проценки за ризик, во 2018 година ја предвиделе катастрофата предизвикана од шумските пожари во Лос Анџелес.
„Сосема предвидливо“ вели Чар Милер, професор по еколошка анализа и историја. „Се градат куќи длабоко во пожарните зони. Знаеме дека тие се пожарни зони, знаеме дека се опасни, а сепак Градското собрание и окружните власти постојано даваат дозволи за градење на местата со сè поголеми и поголеми ризици. Сите фактори што не сакате да ги видите се комбинирани“, вели тој.
Скраја да е, не сакам да кобам, еве се мрднав неколкупати од место, чукнав сто пати во дрво и направив „пу, пу, пу“, ама барем на ова место сигурно едно дваесет пати имам пишувано за ризиците од неконтролираното градење и кај нас. Погледнете околу себе. Дома или на работа. И само замислете си дали во овој момент сте безбедни ако мора итно да дојде да ве спасува Пожарна или Брза помош. Или, прво ќе мора да доаѓа пајак да го расчисти приодот од непрописно паркирани коли, блокирани тротоари и изградени пушачки тераси.
И во Америка, каде што приватниот капитал е закон над законите, има некои луѓе што учеле школо, знаат нешто, прават анализи и предупредуваат. Не се само мрчатори, неутрана и што ли уште не, како што властите ги обвинуваат кај нас кога гласно предупредуваат дека неконтролираното градење го прави ризично нашето секојдневно живеење. Дека тие предупредувања не се инстинктивни, како што градежниците инстинктивно си бараат локации за градење, а градоначалниците инстинктивно им продаваат државно земјиште и им даваат дозволи.
Па нам ваква катаклизма ни се случи летото 2016 во скопско Стајковци кога во поплава од пороен дожд загинаа 22. Претходната година во тетовско Шипковица, исто така од поплава загинаа петмина. Од неисчистени канали и узурпирани улици. А пожарите од минатото лето? И од претходните години кога огновите се приближија до првите куќи во Кочани, во Битола? Кој да се сеќава на тоа?
Од алчност ја направија државата нехумано место за живеење. Секојдневието ни е претворено во хазард од коруптивната спрега помеѓу алчните локални власти и алчните градежници. На крајот на краиштата, баш ми е гајле за градежниците, таканаречени инвеститори. Тие си имаат свој интерес. Ама, локалните власти што сами си ги бираме се тие што треба да го штитат јавниот интерес и безбедност. А не да мислат само за ќарот на градежниците. Односно, само за својот личен ќар.
Па и тие станчиња, со кои си ја смируваат сопствената совест дека им се за децата. Дали се свесни дека поради нивната корумпираност, и децата ќе им живеат во град во кој нема да можат да си ги спасат ни сопствените родители кога ќе треба да ги носат в болница?
Како бре, не им е шубе за сопствениот живот?
2Што се чудите дека Сашо Мијалков, шефот на тајната полиција од времето на Никола Груевски, против кого се водеа шест судски постапки, еднаш беше и осуден и си одлежа дел од затворската казна во Струга, се појавил во Монте Карло? Мијалков е слободен граѓанин. Си се оддолжи кон државата и си отишол за празник во странство.
Не беше ли чудно кога СДСМ и ДУИ го сменија законот и ги намалија казните на високите функционери за злоупотреба на службената должност и корупција и го скратија рокот за застарување на тие кривични дела? И не беше ли чудно дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ баш кога се гласаше тој закон направија кворум во Собранието, а блокираа сѐ што претходно се предлагаше? А чудно е дека Мијалков се паркирал пред скап хотел во Монте Карло со црвено „ферари“.
А со што очекувавте да се довезе Мијалков во Монте Карло? Наместо со црвено „ферари“ да дојава на бел коњ? Како војвода.
Колумната на Горан Михајловски во цечост прочитајте ја тука