Пожарникарите повторно ги дезинфицираат јавните површини во Кочани

 Вработените во Територијалната противпожарна единица од Кочани продолжуваат со редовната дезинфекција на јавните површини во градот и населените места, како дел од мерките за здравствена заштита и спречување на ширењето на коронавирусот.

Во раните утрински часови, кога фреквенцијата на граѓаните е помала, се дезинфицира просторот во Трговскиот центар, во Градскиот парк и другите парковски површини, детските игралишта, влезовите на зградите, пазарите и останатите јавно-прометни површини.

-По донесениот заклучок од Општинскиот кризен штаб, веќе два дена нашите екипи ги спроведуваат мерките за дезинфекција на јавните површини, просторот на автобуските постојки, пред банкоматите, пред влезовите на јавните институции и секаде каде што има зголемена опасност за контаминација од вириусот. Со активностите ќе продолжиме и во наредните денови сè додека не добиеме поинакви упатства од Кризниот штаб, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.

Дезинфекцијата на јавните простори во општина Кочани се реализира како дел од мерките и заклучоците што на последната седница ги усвои Општинскиот кризен штаб, а со намера да се спречи прелевањето на состојбата со Ковид-19 од соседната општина Штип, каде веќе е евидентиран вториот бран од епидемијата.

Back to top button
Close