Пожарот кај Чучер Сандево пеплоса магацин за сладолед – штета од 1,5 милиони евра, во хидрантите немало вода

Силните ветрови вчера напладне повторно го разгореа пожарот во Чучер Сандево. Тоа беше фатално за магацинот за сладолед, кој целосно го зафатија пламените јазици.

Ден по несреќата, се гледаат последиците.

Останати се само остатоци од фрижидери и полутопени пакувања сладолед.

„Повеќе од 12 часа екипите на пожарникарите се обидуваат да го изгаснат пожарот тука во магацинот за сладолед во Чучер Сандево, кој беше зафатен од огнот вчера. Според сопствениците, материјалната штета изнесува над 1,5 милиони евра. Екипите на терен се борат и со уште едно жариште кое сè уште е активно, а силниот ветер дополнително ја отежнува работата и не дозволува целосно гаснење.“, вели Аднан Ќаили, репортер на ТВ21.

Од Противпожарната бригада на Скопје велат дека пожарот избувнал вчера околу 14 часот и од тогаш се обидуваат целосно да го изгаснат. Според нив, високата трева околу објектот овозможила пламенот да се прошири од сувата нива до ѕидот на магацинот. Зоран Димитриевски истакна дека во објектот не функционирал системот на хидранти за гаснење пожар.

Сопствениците не сакаа да зборуваат пред камера, но еден од нив ни изјави дека пумпите не се активирале бидејќи пожарот го исклучил и електричното напојување. Тој додаде дека половина од магацинот е целосно изгорен, а другата половина уште долго нема да биде во функција.

Од компанијата „Фриком“ информираа дека дистрибутивниот центар што снабдува цела Македонија изгоре. Додаваат дека, благодарение на брзата реакција на службите, нема повредени и сите вработени се во добра состојба.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close