ПР утка или политичка негрижа од премиерот за олимпијците?
Највидливиот македонски тим моментално не е во сали за состаноци или на партиски трибини, туку на снегот и мразот во Милано–Кортина 2026.
Четворица спортисти, четири човечки приказни зад едно знаме, прошетаа пред очите на целиот свет, додека дома илјадници луѓе ги снимаа ТВ‑екраните и ги полнеа социјалните мрежи со гордост. Во таа маса објави, коментари и честитки недостига само еден, но најсимболичен глас, гласот на премиерот.
На неговите фејсбук и инстаграм канали никаква порака, никакво „горди сме на вас“, никаков знак дека државата стои зад тие четири фигури под олимписките кругови. Во 2026 година, вакво отсуство може да се чита само на два начина. Како огромна ПР утка или како тотална незаинтересираност за македонскиот спорт.
Ако е ПР утка, тогаш зборуваме за тим кој не разбира елементарна политичка азбука: дека Олимпијадата не е „празен“ настан, туку ретка прилика државата да се појави во позитивен контекст. Било кој просечен комуникатор знае дека навивачка порака до репрезентацијата е најефтината и најискрената форма на политичка комуникација. Ништо не чини, а носи чувство на близина. Да не се искористи таков момент во ера на постојана онлајн‑присутност е непрофесионализам што боде очи.
Ако пак не е утка туку свесен избор, тогаш ситуацијата е уште полоша. Тоа би значело дека спортот, особено оној што не носи сигурна медала и спектакуларни фотографии со пехари, не е воопшто на радарот на Владата. Дека олимпискиот тим не се доживува како национален капитал, туку како уште една вест која може да се прескокне, додека не стигне нешто „поважно“ за споделување. Тоа праќа јасна порака: државата е тука да се слика со успехот, но не и да навива за процесот што води до него.
Додека кај нас премиерските профили се празни, во регионот лидерите се натпреваруваат кој попрво ќе им честита и ќе ги бодри своите спортисти. Таму спортските делегации се повод за гордост, за обединување, за момент во кој политичките разлики се оставаат на страна. Кај нас, молкот остава впечаток дека највисоката политичка инстанца не чувствува обврска да биде дел од таа заедничка емоција.
Спорот не е дали луѓето ќе навиваат без премиерот. Ќе навиваат, но каква држава е онаа во која спортот живее само во народот, а не и во институциите. На крајот, останува горчливо прашање: што е полошо за имиџот на една влада. Неспособен ПР кој не гледа дека Олимпијада постои, или политичко раководство кое ладнокрвно покажува дека македонскиот спорт му е на дното на листата приоритети?
Каков и да е одговорот, едно е сигурно: олимпијците ја завршија својата работа, стигнаа до најголемата сцена. Оние што паднаа на тестот не се тие на снегот, туку тие што останаа заглавени во кабинетите и не најдоа ни еден ред за нив.






