Прагот од два процента за независни листи е компромис што го одразува расположението на партиите, вели Маричиќ
Не мислам дека се блокира чија било иницијатива, бидејќи независните кандидатури може да се остварат, тоа не се недостижни бројки во многу општини, смета министерот за правда
Предлог-измените на Изборниот законик се веќе поднесени во Собранието, прагот за учество на независни листи на изборите кој се подига на 2 отсто е компрoмисно решение на партиите, вели министерот за правда, Бојан Маричиќ.
Тој денеска одржа брифинг со новинарите на кој кажа дека првичниот предлог на работната група на Министерството за правда бил еден отсто, но во политичката дискусија се лицитирало и со 3, па дури и со 5 отсто, за на крај компромисот да биде два отсто. Маричиќ не сакаше да каже кои партии биле за повисок праг, но рече дека конечниот текст го виделе сите парламентарни партии и никој немал забелешки. Конечниот збор ќе го имаат пратениците, вели тој.
„Не би навлегувал во детали, можам да кажам дека работната група во Министерството за правда предложи воедначување како што и налага насоката на ОБСЕ-ОДИХР за прагот за независни кандидатури и тоа е правилно. Врз основа на разговорите на политичките партии, се дојде до два процента и мислам дека тоа е компромисен предлог што треба да помине така во Собранието. Не мислам дека се блокира чија било иницијатива, бидејќи независните кандидатури може да се остварат, тоа не се недостижни бројки во многу општини, меѓутоа, тоа ќе зависи и од иницијативноста и од желбата на граѓаните да поддржат независни листи, така што мислам дека таму каде што има навистина желба, не се недостижни бројките и може да се достигне прагот од два процента. Како ќе биде усвоено од Собранието, зависи од пратениците. Предлогот од два отсто е компромисен предлог, кој мислам дека ја одразува реалната слика и го одразува рсположението меѓу партиите“,
кажа Маричиќ во изјава за медиумите, по завршување на денешниот брифинг со новинарите.
Во текот на брифингот, на новинарско прашање, Маричиќ кажа оти мисли дека подигнување на прагот за независните листи не значи помалку демократија и дека во помалите општини дури и нема да се воочи преголема разлика.
Во однос на тоа што Изборниот законик се отвора „во очи“ на локалните избори кои треба да се одржат на 17 октомври, што е исто така спротивно на препораките на ОБСЕ-ОДИХР, Маричиќ посочи дека процесот на преговарање на политичките партии траел долго.
„Нашиот обид беше на крајот на мај да ги донесеме измените, за жал, не успеавме. Требаше време и дискусија“, кажа Маричиќ.
Во препораките содржани во Извештајот на ОБСЕ ОДИХР од 2017 г. е наведено дека треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во одредена општина. И Венецијанската комисија смета дека прагот треба да биде максимум еден отсто.
„И еден отсто е зголемување“, вели Маричиќ.
Најавата за зголемување на прагот за учество на изборите предизвика жестоки реакции во јавноста. Претставници на граѓанската коалиција „Зелен хуман град“, која брои 20 граѓански здруженија, реагираа дека најавените измени се недемократски и противуставен потег и одлика на режимски земји. Тие најавија оти ќе побараат претседателот Стево Пендаровски да стави вето на законот.
Регираше и независната советничка од „Поинаку“ во Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска, која смета дека зголемувањето на бројот на потписи за независни листи е удар врз демократијата.
Од кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски, за Радио Слободна Европа посочиле дека шефот на државата смета дека прагот за собрани потписи за независните канидати треба да биде помал, а дека измените на Изборниот законик треба да се донесат и во консултација со граѓанскиот сектор. Пендаровски очекува да се почитува препораката на ОБСЕ-ОДИХР и непосредно пред избори да нема менување на изборните правила.