Прашалник до родители на ученици за влијанието на пандемијата врз образовниот процес

– Министерството за образование и наука во сеопфатното истражување за влијанието на пандемијата од КОВИД-19 врз образовниот процес во земјава ги вклучува и родителите на ученици, покрај наставниците до кои пред неколку дена упати повик за повратни информации и споделување мислења и искуства за реализирањето на наставата од далечина.

МОН денеска за оваа цел ги повикува и родителите кои имаат деца – ученици во основното или во средното образивание и на својата веб-страница за нив постави прашалник, достапен на македонски и на албански јазик.

-Основната цел на истражувањето е да ги сумира сите релевантни искуства и да го процени севкупното влијание на пандемијата КОВИД-19.  Преку вклучување на сите засегнати страни (даватели и корисници на услуги во образовниот сектор) – директори, наставници, родители и ученици, ова истражување ќе ни даде директен увид во различните искуства и важните аспекти на учењето на далечина. Добиените сознанија ќе се искористат исклучиво за анализа на постојната состојба и за креирање на идните планови и активности во образовната политика, соопшти МОН.

Сеопфатно истражување за начинот на кој се реализираше воспитно-образовниот процес во основните и во средните училишта поврзано со здравствената криза, Министерството за образование и наука го спроведува со Бирото за развој на образованието и со поддршка од канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава и Реактор – Истражување во акција.

МОН прави стратегија и за е-настава од септември и подготви нацрт-верзија на Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во земјава. Документотот има 66 страници и неговата изработка е иницирана од промените во начинот на реализација на воспитно-образовниот процес на глобално ниво поради пандемијата предизвикана од појавата и ширењето на вирусот КОВИД-19.

– Концепцијата треба да обезбеди непречено одвивање на едукацијата на учениците во основните и средните училишта од 1 септември 2020 година, преку приспособување на процесот на новонастанатата ситуација и реалност, велат од Министерството за образование и наука.

Концептот од завчера е поставен на веб-страницата на МОН за јавна консултација и сите што се заинтересирани да достават предлози и сугестии треба да ги пратат на електронската адреса: [email protected] до петок, 10 јули 2020.

Поради опасност од ширење на заразата со КОВИД-19, наставата во 2019/2020 од средината на март до крајот на учебната година во јуни беше реализирана онлајн и со учење од далечина преку различни е-платформи.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми во мај изјави дека се разгледува и сценариото како ќе се постапи на почетокот од  2020/2021 година ако се соочиме со исти или полоши околности од пандемијата.

Back to top button
Close