Пратеници денеска во посета на Агенцијата за разузнавање во врска со прислушувањето

Членовите на собраниската Комисија за надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР), според договореното од вчерашната седница, денеска треба да ја посетат Агенцијата за разузнавање откако вчера беа во посета на АНБ за да извршат надзор по наводите за прислушување.

Откако во јавноста излегоа информации дека во периодот од 2019 до 2024 година се прислушувале новинари, бизнисмени и премиерот Христијан Мицкоски како тогашен лидер на опозицијата, од власта бараат одговорност, а од опозицијата декласификација на документацијата.

– Нека појдат пратениците во сите агенции, и во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР), кажав што имав да кажам, нема што повеќе да зборувам, рече вчера премиерот Христијан Мицкоски.

Тој претходно во говорот на централната свеченост по повод Денот на независноста рече дека мора да има одговорност и дека не е прашањето дали да се декласифицираат документите, туку да запре прислушувањето.

– Се следи и прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до минатата власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто и измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи кои не постојат. За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот од моето следење, рече Мицкоски.

Од опозицијата бараат декласификација на документацијата и најавија дека на прес-конференција ќе ја обелоденат вистината за АНБ.

– Во законот јасно пишува дека одговорен за декласификација на документите, доколку постои сомнеж за криминал или злоупотреба, е самата институција, односно АНБ. Значи, од Агенцијата за национална безбедност и од директорот зависи дали тие материјали ќе се декласифицираат или не. Ние бараме да се декласифицираат, да видиме кои луѓе биле пратени, кои групации и зошто, да видиме дали имало прекршување од било кој – ако треба некој да понесе одговорност, истакна лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче во интервју за „Слободен печат“.

Директорот на АНБ Бојан Христовски изјави дека целата документација е предадена на Обвинителството, а оттаму на 5 септември информираа дека тим од истражители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК)биле во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во рамки на предистрагата за наводите за незаконско прислушување при што била договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК.

По објавувањето на информациите за прислушувањето, прашањето беше иницирано и во собраниската Комисија за надзор на АНБ и АР кои вчера одлучија да извршат надзорна посета во АНБ и АР

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close