Пратеници и дискретното молзење

„Загрижен сум, и навистина е жално дека толку многу пратеници поднеле барања за надоместоци, кои можеле да бидат оспорени и доведени под сомнеж“, изјави претседателот на Шведскиот парламент-Риксдаг, Андреас Норлен, коментирајќи ги податоците обелоденети во серијата истражувачки написи на тиражниот весник „Афтонбладет“, под заеднички наслов „Приходите на власта“. 

Медиумските написи за приватниот морал на политичарите во Шведска, една од најнекорумпираните земји во светот, делуваат како чувствителен сензор во однос на довербата на јавноста во носителите на власта и нивната подготвеност да запрат, или пак да си дозволат да ги пречекорат црвените линии што алармираат на злоупотреба на средствата на даночните обврзници. 

Јавноста очекува дека моралот и политиката одат рака под рака и ја оправдуваат довербата на граѓаните дека грижата за општеството ја предале во „чисти раце“. Избирачите се хетерогена маса, но со право очекуваат дека парламентарните пратеници треба да бидат обврзани да ги вратат парите за погрешно исплатени надоместоци, да пријават на регуларен начин кога нивни родни ги следат на службени патувања, и дека нема да побаруваат надомест за патни трошоци кога всушност живеат кај роднини или пријатели во главниот град. 

Сè може да се провери во денешно време на транспарентност и отченост, вклучувајќи ги без никаков проблем и приходите на водечките политичари, без оглед дали нивниот имиџ навистина се потпира врз изградена доверба во јавноста дека не „испумпуваат“ средства од државната каса за да го полнат својот приватен буџет. 

И што се случува по медиумските написи? Само неколку дена објавените компромитирачки стории, двајца парламентарни пратенци поднеа оставка. Вкупно дванаесет претставници на шведскиот законодавен дом беа фатени „со прстите длабоко пикнати во теглата со мармалад“. Уште петмина од нив решија да ги вратат мандатите, неколкумина ја напуштија својата партија, а против некои е покренато обвинение. 

Една пратеничка од редовите на шведските либерали поднела барање и ù бил одобрен надоместок за кирија за станот што го изнајмила од својот сопруг, каде што и тој живеел. Забележени се и примери на пратеници кои своите патувања на одмор ги покриле со даночни пари. 

Еден друг пратеник, кој бил пријавен на адреса кај мајка му во Нишепинг, на оддалеченост од околу 100 километри од Парламентот, во исто време го делел станот со својата сопруга и децата во Стокхолм. Тоа му овозможило дополнителна добивка од 15.000 евра. По притисокот од страна на медиумите, претседателот на партијата на Модератите изјави дека однесувањето на споменатиот пратеник на сериозен начин го оштетило неговиот „политички кредибилитет“, а по што тој поднесе оставка. Всушност, тоа што е најважно во целата приказна е дека кредибилитетот на партијата меѓу избирачите не смее да биде загрозен. 

Поранешниот претседател на шведската социјалдемократска партија Хокан Јухолт, по откритието дека ги злоупотребил правилата за користење на служебен стан за преноќевање во Стокхолм, така што таму престојувал со партнерка, и, наместо половина, го пријавувал целиот износ на станбениот додаток, беше соочен со силна медиумска кампања и принуден да даде оставка. Негативниот ефект од Јухолт-аферата во еден период пред неколку години го почувствува неговата партија со забележливо намалување на избирачките симпатии и поддршка од членството. 

Каков заклучок се сугерира за смирување на разбрануваните духови во јавноста по вакви и слични далавери на политичарите. Партиите мора да преземат одговорност, неодложно и категорично, негувајќи култура на искреност и чесност, и брзо и силно да дејствуваат против оние што ги пречекоруваат границите. 

Што се однесува до изјавата на шведскиот парламентарен спикер од почетокот на овој текст, таа секако би можела да се преслика на состојбите во македонското Собрание, без измени и дополнувања, од збор до збор. Разликата е во тоа што партиите во Македонија, со премолчување и затворање на очите пред очебијните злоупотреби и „дискретното“ молзење на државната каса, секогаш неволно признаваат дека нивни високо позиционирани членови во државната власт се огрешиле од законот и се посрамотиле пред избирачите. 

Во македонскиот Парламент со години дефилираат пратеници од разни партиски бои кои зад себе влечат долга опашка од скандали, корупциски афери, разни видови злоупотреби на надоместоци, и политички сплеткарња кои се директно ставени во функција на голата борба за власт и промоција на сопствената партиска врхушка. Никој посебно не се секира околу тоа. Македонските партии се чини дека дури и свесно потхрануваат таков вид однесување, претворајќи го Собранието во вербален гладијаторски ринг, кој поданиците, со емотивни празнења, секоја вечер го следат пред малите екрани. 

Калкулантската нерешителност на македонските политички лидери, дали и кога треба да се пресече, не го нарушуваат само угледот на партиите и нивниот рејтинг, туку, што е уште полошо, и кредибилитетот на самата политика во однос на трошењето на јавните пари. Партиските соопштенија исполнети со флоскули и здодевните пресконференции во партиските седишта, на кои се наоѓа вина насекаде, но само не во сопствените редови, јасно зборуваат за тоа. 

Сепак, мора да се верува дека фер и чесна политика е можна и остварлива. На јавноста мора да ù се даде шанса и понатаму да верува во политичари кои работат напорно и чесно за да ја оправдаат довербата која им е дадена како одговорност. Се разбира, доколку сè уште има такви. 

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close