Пратениците денеска ја почнуваат дебата за уставни измени, власта и опозицијата со непроменети ставови
Пред почетокот на седницата власта и опозицијата имаат непроменети ставови. За владејачката СДСМ, уставните измени се императив за граѓаните и избор меѓу „европска Македонија“ или изолација на државата, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот да не поддржи измени на Уставот во ваков формат под, како што велат, бугарски диктат и бараат предвремени избори
Собранието денеска и официјално започнува со работа со 123. седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија. Почетокот на седницата е закажан за во 11 часот..
Постапката е веќе почната со тоа што на 25 јули, на Комисијата за уставни прашања беа изгласани два заклучоци и тоа за пристапување кон измена на Уставот и за подготвување на нацрт- амандманите за измена на Уставот, доколку биде прифатена потребата за негова измена на седницата на 18 август. Двата заклучоци беа донесени со десет гласа „за“ и со седум гласови „против“.
Денешната седница треба да почне со усвојување на дневниот ред за што е потребно присуство на 61 пратеник, а за гласање минимум една третина од вкупниот број.
Согласно Деловникот за работа на Собранието, дебатата трае најмногу десет работни дена и доколку е така треба да заврши на 31 август. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но, не повеќе од 30 минути вкупно. Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови.
Пред почетокот на седницата власта и опозицијата имаат непроменети ставови. За владејачката СДСМ, уставните измени се императив за граѓаните и избор меѓу „европска Македонија“ или изолација на државата, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот да не поддржи измени на Уставот во ваков формат под, како што велат, бугарски диктат и бараат предвремени избори.
ВМРО-ДПМНЕ повтори дека уставни измени нема да има, од СДСМ ги повикаа да покажат дека се за европска интеграција
Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека двотретинското мнозинство е потребно за продолжување на европските интеграции на државата, а не за опстанок на Владата. Избори, според премиерот, во овој момент не се решение.
„Осумдесет пратеници се потребни за глас за европска Македонија. На Владата и се потребни 61 пратеник за да може полноправно да одлучува и да работи до изборот на следната влада. Двотретинското мнозинство во Собранието за овие уставни измени е императив за секој граѓанин во државата“рече Ковачевски.
Ковачевски не одговори кој е планот на Владата ако не се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени
Според него, десетдневната дебата во Собранието е добра можност граѓаните да видат дека ова е процес за остварување на втората стратешка цел на државата, по членството во НАТО, и дека „што побрзо го направиме тој процес, толку побрзо ќе станеме членка на ЕУ“.
Според него, сите 120 пратеници треба да покажат државничко однесување и да бидат на ниво на задачата за да овозможат подобра иднина за граѓаните.
Вчера и министерот за надворешни работи Бујар Османи упати отворено писмо до пратениците во кое порача дека од нивната одлука ќе зависи дали земјата ќе ги продолжи преговорите со ЕУ или ќе ги запре на подолг рок без гаранција за успех.
Османи во писмото ги уверува пратениците дека идентитетските и историските прашања не се дел од преговорите и додава дека со оваа промена на Уставот само ќе се зајакне меѓународна положба на земјата и ќе се зголеми меѓународната поддршка за остварување на целите.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, повторија дека уставни измени нема да има. Најавија дека ќе учествуваат на пленарната седница, а пред нејзиното одржување, како што вчера изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски, ќе одржат координација.
„Уште при усвојувањето на дневниот ред, мнозинството, односно Владата на СДСМ и ДУИ ќе види дека нема двотретинско мнозинство за да го бутка овој процес. Очекувам дека нема да има дополнителна политичка гимнастика и единствена легитимна тема ќе биде одржување на предвремени парламентарни избори“,изјави Мицкоски.
Според Мицкоски, дури и да бидат Бугарите дел од Преамбулата и да добиеме гаранции за идентитет, сепак, Протоколот и Билатералниот договор се опасност за дополнителни пречки во иднина, односно дополнително вето, дополнителен идентитетски и историски интервенционизам.
Лидерите на албанскиот опозициски блок, Африм Гаши, Биљал Касами и Изет Меџити, вчера побараа од претседателот на Собранието, Талат Џафери, освен точката за уставни измени на седницата да бидат ставени и амандманите за бришење на одредницата „20 проценти“, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција.
Гаши, Касами и Меџити рекоа дека за нив нема дилема дека европската интеграција е највисоката политичка, партиска и национална визија, од која не само што нема алтернатива туку, како што рекоа, ваквата заложба го подразбира и секој чекор на политичкото дејствување и соработката со другите.
Гаши ги повикаа сите пратеници, без разлика на нивната политичка, етничка и идеолошка припадност, итно, без дискусија и без никакво одлагање, да гласаат за потребата од промена на Уставот и предложените амандмани. На овој начин, додаде тој, сите ние докажуваме на која страна сме и која е нашата стратешка определба.
Според претседателот на Собранието Талат Џафери по завршување на претресот гласањето за потребата за уставни измени може да биде одложено, а ако нема услови воопшто и да не се случи. Тој во интервју за МИА на почетокот на месецов рече дека доколку нема двотретинско мнозинство, гласањето може да биде одложено, но и дека тоа може и да не се случи, со што постапката за уставни измени завршува.
Џафери, тогаш, не одговара директно до кога може да се одложува гласањето во првата фаза односно за утврдување на потребата за носење на уставните измени, за да се стаса до ноември или до крајот на годината со уставните измени за да може да се отвори патот за одржување на втората меѓувладина конференција.
Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.