Пратениците ќе гласаат за „мачка во вреќа“?
Како може пратеници избрани од граѓаните, да прифаќаат да гласаат измени на 8 закони, без да го видат основниот договор со „Бехтел и Енка“, вели поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.
Предлог-измените во Законот за работни односи, кои се дел од пакетот измени во осум закони поврзани со проектот со „Бехтел и Енка“, се прашање на обврска за почитување на одлуките на Уставниот суд, односно прашање на односот на пратениците кон одредби кои Уставниот суд еднаш ги укинал, велат правни експерти и поранешни пратеници.
Додека траатреакциите околу предложените изменикои предвидуваат работно време поголемо од 40 часа неделно, Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас за вработување на работници во Проектната единица за спроведување на проектот заизградба на Коридорите 8 и 10 д. Со огласот се бара помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, координатор на единицата за подготовка на проектот, специјалисти за експропријација, специјалисти за инвестиции и градба на патишта, специјалисти за урбанистичко планска документација, специјалисти за подготовка изработка и следење на проектна документација, администратори, возачи, преведувач… Во огласот, наведеното работно време за овие позиции е 40 часа неделно. Со предложените законските измени, кои предизвикаа реакции, се овозможува тоа да биде надминато, по исклучок, и по претходно дадена писмена согласност на работникот.
Имаме ли Собрание?
Досега никој не ја оспори важноста од изградба на посочените коридори, но таква согласност нема за дел од предложените измени, со кои се нарушува еднаквоста на граѓаните пред законот.
„За капитални проекти кои инфраструктурно ќе ја поврзат Македонија се зборува веќе 30 години, меѓутоа сите работи одат некако ‘на парче’ или ‘килаво’, што би рекол народот. Ваков проект, како што е изградбата на Коридорот 8 и 10 д, е од огромно значење за нашата држава и драго ми е што конечно ќе се почне неговата реализација, бидејќи се почнува од првиот чекор“, вели поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.
Но, предложените законски измени, а во услови на доверливост за делови на договорот за изградба на коридорите, според Марковска, ќе го стават на силен тест интегритетот на пратениците, кои, пак, немаат никаков увид во договореното.
„Како може пратениците избрани од граѓаните, кои треба да го штитат нивниот интерес, да прифаќаат ‘на врат – на нос’ да гласаат измени на дури 8 законски проекти, без да го видатосновниот договор со ‘Бехтел и Енка’?Kако можат да поднесат таква деградација, па и јавно понижување да гласаат без грижа на совест за ‘мачка во вреќа’ или ‘на слепо’, без да имаат сознанија што всушност ‘договорила’ Владата? Kако може да се декларираме како систем на ‘парламентарна демократија’, а притоа да нема ни ‘д’ од тоа во самиот парламент?“, реагира Марковска.
Според неа, пратениците сега се во менгеме меѓу она што се нарекува партиска лојалност, и меѓу граѓаните кои им изгласале доверба, мандат и моќ. Односно, меѓу она што им е обврска – да работат транспарентно, законски и како што им налага совеста, или да го изберат страничниот пат на полтронизмот, со цел во иднина да бидат повторно предложени за истата или за некоја друга фотелја.
„Затоа, овој акт оди само во прилог на тоа дека ние немаме Собрание, дека џабе се трошат народните пари и дека сите се зрели за оставки. Секоја чест за исклучоците ако ги има, ама и тоа е потврда на самото правило. Како што велат, ‘рибата смрди од главата’, а во состојба на очај и летаргија во каква што е денес нашето општество, за жал, ‘караванот сепак си врви’, но до кога, и до каде ќе стигнеме?“, прашува поранешната пратеничка.
Непотребни авантури
Предложените измени предвидуваат дека по исклучок прекувремената работа може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот. Со измените се овозможува и уредување на местото и начинот на исплата на платата на работници на проекти од национален и стратешки интерес.
Уставниот суд лани во јули го оцени како неуставно таквото решение во Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10д и го укина членот 12 од тој Закон. Уставниот суд тогаш наведе дека тој е во спротивност со темелната вредност владеење на правото предвидена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, и спротивен на членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Уставниот суд оцени дека со овој член се повредува правото на дневен и неделен одмор, односно дека е во спротивност со членот 32 став 4 од Уставот.
Што доколку пратениците ги изгласаат предложените измени во Законот за работни односи, кои ќе овозможат зголемен фонд на работни часови, повеќе од 40 часа неделно?
„Пратениците се должни да ги почитуваат одлуките на Уставниот суд“, вели за ДВ правен експерт.
„Ако се вгради истото решение кое Уставниот суд еднаш едногласно го укина, очекувано е дека Уставниот суд ќе постапи исто како и со претходната одлука – ќе ја укине таквата одредба. И тоа не би бил ‘фронт’ против проект од стратешки интерес на државата, туку принципиелно и конзистентно постапување на Уставниот суд. Доколку се усвојат спорните измени, па дури и и никој да не поведе иницијатива за нив пред Уставниот суд, Судот има право, но и обврска, да постапува по сопствена инцијатива, и повторно да се произнесе. Во таков случај, сигурно не би имало поделени гласови, за нешто што претходно едногласно било одлучено. Оние пак, кои надвор од законската норма, доброволно, по своја волја би сакале да склучат договор за работа со зголемен фонд на работни часови, ќе немаат законско покритие за таков договор“, вели нашиот соговорник.
Правници предупредуваат и дека не се потребни „авантури“ во време на тековен скрининг за степенот на усогласеност на македонското со европското законодавство, а потсетуваат и дека земјата е потписник на Европската социјална повелба на Советот на Европа, (како дополнение на Европската конвенција за човекови права), според која, сите работници имаат право на еднакви услови за работа.
Извор: Дв