Пратениците од „огнената група“ поднесоа иницијатива за замена на формулацијата „20 проценти“ со „албански јазик“
Пратениците Изет Меџити, Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи, кои се дел фракцијата во ДУИ, до Комисијата за уставни измени во Министерството за правда поднесоа иницијатива за отстранување на формулацијата „јазик кој го говорат помалку од 20 отсто од граѓаните“ и нејзина замена со терминот „албански јазик“.
Во соопштението кои овие пратеници го испратија до медиумите, информирајќи за поднесените амандмани, се додава дека до истата Комисија поднеле и иницијатива во која, како што велат, го потврдуваат нивниот став за спроведување на уставните измени во однос на внесувањето на бугарскиот народ во Преамбулата на Уставот и на продолжување на европскиот пат на земјава.

„Со оваа иницијатива уште еднаш го потврдуваме нашиот став дека сме за уставни измени во однос на бугарското прашање и силно стоиме на европскиот пат. Но, во исто време сметаме дека е соодветен политички момент дефиницијата 20 отсто за албанскиот јазик да се тргне од Уставот. Уставот не се отвора секој ден, а сега имаме можност истовремено да го ставиме спроведување на албанскиот јазик на неговото вистинско место“ изјави потпретседателот на Форумот на млади на ДУИ, Јетмир Асани, пред поднесувањето на иницијативите во Министерството за правда.
Иницијативите на кои стои потписот на Меџити, Коџаџику и Реџепи до Министерството за правда го поднесе потпретседателот на Форумот на млади на ДУИ, Јетмир Асани.