Пратениците од ЗНАМ предлагаат со мотоцикл да може да управува лице кое има возaчка дозвола од Б категорија

Пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија со поддршка од пратеници на владиното мнозинство до собраниските служби во Собранието достави Предлог на закон за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата по скратена постапка.

Новото решение ќе овозможи возачот кој поседува возачка дозвола од Б категорија, да има право да управува мотоцикли со автоматски менувач од категоријата „А1“.

„Овој предлог на закон има за цел да мотивира и да поттикне што поголем број на граѓани, да размислат својот автомобил при вршењето на секојдневните обврски да го заменат со мотоцикли“, рече пратеникот Павле Арсоски.

Новото решение ќе придонесе во намалувањето на сообраќајниот хаос во урбаните средини и гужвите при паркирањето. Исто така ќе има бенефит и во намалувањето на загадувањето на воздухот со помали емисии на штетни гасови. Ова законско решение ќе придонесе и во подобрувањето на економичноста, особено во услови на раст на цените на горивата.

Со овој Предлог на закон, се врши усогласување со Директивата на ЕУ 2006/126/Е3 со која се предвидува можноста – со поседување на дозвола од Б категорија за управување со мотоцикл со автоматски менувач од категоријата А1, чија зафатнина на моторот не е поголема од 125 м3 и чија сила на моторот не е поголема од 11 KW , а соодносот на јачината на моторот и масата на возилото не надминува 0,1 KW/кг.

Согласно ЕУ Регулативата, со мотоцикл ќе може да управува лице со наполнети 23 години, кое поседува минимум 5 години важечка возачка дозвола од категорија „Б“ и посетува 4 часовна теоретска обука за безбедност при управување на мотоцикли во авто школа.

Содржината на обуката, формата, содржината на потврдата и начинот на водење на евиденција за издадени потврди за посета на обуката ја пропишува министерот за внатрешни работи во рок од 15 дена од денот на влегување во сила на овој закон. Авто школата ја издава потврдата за посета на 4 часа обука за сообраќајни правила и прописи при управување со мотоцикл до 125 см³ (теоретска обука) го известува Министерството за внатрешни работи кое води посебна евиденција.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close